СО 1,13 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ПРОДОЛЖИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА СПОРТСКАТА САЛА ВО КУМАНОВО, ЌЕ СЕ ПОСТАВИ И СЕМАФОР ОД 170.000 ЕВРА

    СО 1,13 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ПРОДОЛЖИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА СПОРТСКАТА САЛА ВО КУМАНОВО, ЌЕ СЕ ПОСТАВИ И СЕМАФОР ОД 170.000 ЕВРАСпортската сала во Куманово е изградена 1980 и има капацитет од 4.150 седишта. (Фото: СДК.МК)

    Во спортската сала Куманово ќе се постави висечки, мултифункционален семафор, како во салите каде се играат големите светски кошаркарски натпревари, а неговата набавка и монтажа ќе чини 10,5 милиони денари или околу 170.000 евра. Станува збор за четворостран спортски семафор со димензии 1,92 на 3,84 метри, кој ќе биде закачен на кровот на средина на салата, а неговата висина ќе се регулира.

    Според спецификацијата која е објавена во договорот со фирмата „Кинг Трејд Ко“ од Кочани, се бара семафорот да биде по стандардите на ФИБА, а за квалитетот да гарантира некоја од познатите спортски организации.

    „Набавка, транспорт и монтажа на главен четворостран ЛЕД видео матричен спортски семафор IS2-101 P5-384×768-INDOR 4S наменет за одигрување на натпревари во кошарка, ракомет, одбојка и мал фудбал, со димензии 1920х3840 мм., со челична конструкција за држење на кровот, како и мотори за подигање и симнување. Покрај главните функции, може да се користи и за прикажување на други мултумедијални содржини (видео снимки, текст, фотографии). Видео семафорот е во склад со ФИБА левел- 1 стандард. Семафорот мора да биде во склад со веќе постоечките семафорски системи (главен ЛЕД семафор и семафори за акциски времиња). Како доказ за квалитетот понудувачот е должен да достави сертификат издаден од една или повеќе спортски организации (ФИБА, ФИНА, УЕФА,ФИФА ЕХФ,ИХФ, ЕУРО ЛИГА БАСКЕТ)“, стои во договорот, кој е јавен.

    Набавката и поставувањето на мултуфункционалниот семафор е само една од ставките во договор на фирмата „Кинг Трејд Ко“ од Кочани, која го доби тендерот за реконструкција на спортската сала во Куманово, а чини 69,9 милиони денари или 1.136.585 евра. Средствата се обезбедени од буџетот на Општина Куманово.

    Според договорот, рокот за завршување на работите е 95 дена, а опфаќа градежни и занаетчиски работи, замена на електричната и водоводна инсталација, поставување на изолација, партерно уредување, надворешни скали, осветлување, инсталирање на електротехничка аудио и видео опрема, противпожарна заштита, хортикултурно уредување.

    Владата во 2020 година ја врати спортската сала на Општина Куманово, откако со неа стопанисуваше приватна фирма. Во 2021 година започна реконструкцијата досега се завршени кровот и трибините, за што се потрошени повеќе од еден милион евра, државни и општински пари.

    Спортската сала во Куманово е изградена 1980 година и има капацитет од 4.150 седишта. Таа е најголемиот спортски објект во Куманово за сите поголеми спортски натпревари. Откако таа не е во функција се користат училишните сали. Проектирана е од архитектите Трајко Димитров и Живко Гелевски во 1979, а ја добила големата награда на Биеналето на македонската архитектура (БИМАС) во 1981 година.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира