СО 160.000 ЕВРА ОД ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ПРОДОЛЖУВААТ ИСТРАЖУВАЊАТА НА ГРАДБАТА СО АРКИ И ЌЕ СЕ ЗАВРШИ ЦЕНТАРОТ ЗА ПОСЕТИТЕЛИ ВО ЛОКАЛИТЕТОТ СТОБИ

    СО 160.000 ЕВРА ОД ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ПРОДОЛЖУВААТ ИСТРАЖУВАЊАТА НА ГРАДБАТА СО АРКИ И ЌЕ СЕ ЗАВРШИ ЦЕНТАРОТ ЗА ПОСЕТИТЕЛИ ВО ЛОКАЛИТЕТОТ СТОБИИнституцијата работи и на зголемување на бројот на домашни посетители, оти лани 80 отсто од гостите биле странци. (Фото: СДК.МК)

    Со 160.000 евра, колку што доби НУ Стоби од годишната програма на Министерството за култура, ќе се реализираат 11 проекти на овој археолошки локалитет. Шест се за заштита на културното наследство, четири од музејската дејност и еден за набавка на опрема.

    „Продолжуваме со проектите од минатата година, акцентот е на Градбата со арки и на резиденцијалниот и комерцијален кварт наспроти Епископската базилика. Таму течат истражувања и доистражувања, но и конзервација. Годинава го вклучуваме северозападниот бедем, па да се доврши мозаикот на Партениј. Најголем акцент е на Центарот за посетители, таму лани вградивме климатизација и вентилација, а годинава ќе работиме да се среди партерно и да се направи лапидариумот. Треба да одлучиме каков вид ќе биде изложбата на долниот кат и ако сѐ биде според планот, наесен ќе се отвори за посетители“, кажа Силвана Блажевска, директорка ан НУ Стоби.

    Годинава ќе се работи на конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на Римскиот театар, Градбата со Арки, резиденцијалниот и комерцијален кварт од рановизантискиот период и на северозападниот бедем –фаза 1. Ќе се работи тековно одржување и партерно уредување на локалитетот, како и реализација на објектот Стара железничка станица и негова адаптација во Центар за посетители. За реализација на овие проекти предвидени се осум милиони денари.

    За четирите проекти од областа на музејската дејност предвидени се 900.000 денари: конзервација и реставрација на мозаична декорација –дрвен мобилијар откриен во Епископската резиденција, изработка на постаменти за камени споменици во лапидариумот и набавка на конзерваторски материјал за лабораторија.

    Институцијата работи и на зголемување на бројот на домашни посетители, оти лани 80 отсто од гостите биле странци. За таа цел ја реализираат кампањата „Кога последен пат беше во Стоби“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира