СО 22 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ СЕ ГРАДИ БРАНА НА РЕКАТА СЛУПЧАНКА ЗА ДА СЕ ПОДОБРИ ВОДОСНАБДУВАЊЕТО НА КУМАНОВО И ЛИПКОВО

    СО 22 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ СЕ ГРАДИ БРАНА НА РЕКАТА СЛУПЧАНКА ЗА ДА СЕ ПОДОБРИ ВОДОСНАБДУВАЊЕТО НА КУМАНОВО И ЛИПКОВОСо овој проект ќе се обезбедат и дополнителни резервни количини вода за снабдување на Куманово (Фото: СДК.МК)

    Со 22 милиони евра државни средства ќе се гради брана на реката Слупчанка во Општина Липково. Со оваа инвестиција се очекува целосно да се реши проблемот со вода за пиење и наводнување во Кумановско-липковскиот регион. Проектот се реализира преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а треба да заврши во рок од 4 години.

    „Проектната документација е целосно готова. По две и пол години, конечно е донесена одлука да се издвојат средства од буџетот и да се гради браната преку управата на Водостопанство. Сега ќе се распише тендер за изведувач. Од самата брана дополнително ќе се гради и цевковод, со што ќе бидат опфатени околу 1.500 хектари земјиште за наводнување и ќе има дотур на постојниот систем од подружницата ‘Кумановско-Липковско Поле‘, со што ќе се обезбедат и дополнителни резервни количини вода за снабдување на градот“, изјави директорот на „Кумановско-Липковско Поле“, Оливер Илиевски.

    Со новиот систем за наводнување ќе бидат опфатени земјоделските површини во Слупчане, Ваксинце, Табановце и Речица, а со него ќе стопанисува „Кумановско-Липковско Поле“.

    Владата на една од претходните седници ја донесе информацијата за одобрување на тендерската постапка за изградба на брана на Слупчанка во вкупна вредност од 1.342.000.000 денари.

    „Ова е најголемата капитална инвестиција што ќе се случи во Општина Липково“, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

    Идејата за изградба на брана „Слупчанка“ е датира од 1970-ите.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира