Општина Тетово од општинскиот буџет за 2025, кој ќе изнесува 48,5 милиони евра, ќе издвои и 40.000 евра за работа на Академијата на Албанците, изјави градоначалникот на Тетово Билал Касами на последната јавна дебата за буџетот на Општината за 2025 одржана со претставници на невладините организации во Тетово.
„Врз основа на прелиминарен договор меѓу Академијата и 4 Општини кои ја презедоа одговорноста за финансирање, се договоривме Општина Тетово да го поддржи со околу 40.000 евра“, изјавил Касами за медиумите на албански јазик.
На состанокот во октомври 2025, градоначалниците на Општините Тетово, Гостивар, Желино и Чаир се договорија да ја финансираат Академијата за наука и уметност на Албанците во Македонија додека таа не добие државна поддршка. На состанокот, кој се одржа во зградата на Општина Тетово, присуствуваа и претставници од Здружението за наука и уметност – Тетово кое сака да прерасне во Академија како и претседавачите на Советите од овие 4 Општини. Формирањето на Академија на Албанците има поддршка од коалицијата „Вреди“, а градоначалникот Билал Касами тогаш рече дека ќе продолжат разговорите со сите партии и институции до конечно решение.
Академик Алајдин Абази е еден од двајцата актуелни потпретседатели на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Ни во Законот за научно-истражувачка дејност, ни во Законот за локална самоуправа постои можност за формирање паралелна, микро, општинска научна академија. Дури и за мешовита научна установа која може да ја формираат општините, има строги законски услови кои мора да се исполнети, но и бадентерово мнозинство во Советот на Општината каде што се сака да се формира таква мешовита научна установа. На 30 јули, откако 2 дена претходно Колаицијата „Вреди“ најави дека почнува постапка за формирање Академија на Албанците, министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани, од редовите на „Вреди“, рече дека дека перцепцијата кај Албанците е оти се слабо застапени во МАНУ, како по број на академици, така и во администрацијата, но вели дека не знае зошто тие не се пријавувале на огласи за прием на нови членови, бидејќи не работи во Академијата. На прашање каде имаат Албанците голем потенцијал во научен кадар кој може да даде придонес во научната мисла и во истражувањето, а тој кадар не е застапен во МАНУ, Муртезани тогаш кажа дека тие конкретни бројки и области тој не ги знае, но перцепцијата останува.
- ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ТЕТОВО, ГОСТИВАР, ЧАИР И ЖЕЛИНО ЌЕ ЈА ФИНАНСИРААТ ИДНАТА АКАДЕМИЈА ЗА НАУКА И УМЕТНОСТ НА АЛБАНЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
- АКАДЕМИЈА НА НАУКИ МОЖЕ ДА СЕ ФОРМИРА САМО ОД СОБРАНИЕТО ИЛИ ОД ВЛАДАТА, А ЗА МЕШОВИТА НАУЧНА УСТАНОВА НА НИВО НА ОПШТИНИ ТРЕБА БАДЕНТЕРОВО МНОЗИНСТВО ВО СОВЕТИТЕ
Касами, на јавните дебати кои беа одржани во изминатата недела, се пофали дека Општина Тетово ќе го има досега најголемиот буџет кој за 2025 ќе изнесува 48,5 милиони евра при што само за капитални инвестиции ќе се издвојат 16 милиони евра.
„Може да се пофалам дека е овој еден од најголемите буџети во историјата на Општина Тетово со речиси 50 милиони евра. Поточно од 48,5 милиони евра во овој буџет. Околу 5 милиони евра ќе бидат за капитални инвестиции. Исто така, во 2025 од средствата на унгарскиот кредит, ќе бидат предвидени за Општина Тетово 11,5 милиони евра за капитални инвестиции. Вкупно за 2025 во буџетот се предвидени околу 16 милиони евра за капитални инвестиции. Другиот дел е за тековни трошоци и плати придонеси и така натаму. Можам да кажам дека ова е најповолниот буџет за Општина Тетово и исто така дека голема благодарност и до Владата со еден од најважните проекти за поддршка на општините со што реално помагаат на граѓаните во делот на подобрување на животниот стандард“, кажа Касами.
Во 2025 покрај другото ќе се инвестира и во подобрување на снабдување со вода при што два милиони евра ќе се искористат за изградба на нов цевковод за изворите од Шар Планина, а една градска населба ќе добие дистрибутивна мрежа. Во приоритетни проекти Касами ги посочи нова зграда за средното текстилно училиште и базени за основните училишта „Кирил и Методиј” и „Наим Фрашери”, а ќе се инвестира и во патната мрежа во Тетово, околните села и во обиколницата на Попова Шапка.
З. АНДОНОВ