СО ЕКСПЕРТИ ЌЕ ИМ ОБЈАСНИМЕ НА ЖИТЕЛИТЕ ДЕКА ЦЕЛ РЕГИОН ЌЕ ИМА КОРИСТ ОД РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА НОВАЦИ

    СО ЕКСПЕРТИ ЌЕ ИМ ОБЈАСНИМЕ НА ЖИТЕЛИТЕ ДЕКА ЦЕЛ РЕГИОН ЌЕ ИМА КОРИСТ ОД РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА НОВАЦИСтевановски вели дека главната причина за протестите е тоа што граѓаните не биле доволно информирани за проектот во изминатиот период. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Новаци Стевче Стевановски вели дека регионалната депонија која треба да се гради во општината ќе значи корист за Југозападниот и Пелагонискиот Регион. Во изјавата за медиумите што ја даде по денешната конференција „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“ во Скопје, тој рече дека проблемот со ѓубрето во Македонија е огромен.

    „Скоро во сите делови од државата имаме проблеми со тоа што практично имаме ѓубришта, а немаме центри за управување со отпад. Во Новаци и во моментов имаме голем проблем со отпадот, затоа што неколку општини од регионот го депонираат сметот на ѓубриштето во Мегленци која е крајно нестандардизирана, нерегулирана депонија и не знаеме ни што се одлага, ни што се носи таму“, рече Стевановски.

    Регионалната депонија, односно современиот центар за управување со отпад кој треба да се гради во Новаци, според најавите од Министерството за животна средина, треба да биде готова до 2027 година, а таму смет ќа одлагаат 18 Општини. Ова предизвика протести на битолчаните кои не сакаат да се гради регионала депонија во нивна близина и како што изјавуваат, не му веруваат на системот дека ќе успее да го контролира загадувањето.

    Стевановски вели дека битолчани простираат можеби со право зашто центарот ќе се наоѓа во близина на Битола, но дека главната причина за протестите е тоа што граѓаните не биле доволно информирани за проектот во изминатиот период.

    „Во овој момент, Битола одлага отпад на територијата на Новаци што е малку апсурдно, но треба сите заедно да ги земеме примерите од развиените земји. Центарот за управување со отпад е сериозен, обемен проект и ако сите сериозно се зафатиме, ќе направиме нешто добор за нашата земја. Тука ќе донесеме заклучоци и во брзо време ќе тргнеме во офанзива со луѓе кои се стручни во оваа област, како од државата, така и од странство, кои на директен начин на граѓаните ќе им го доловат ова решение кое ќе значи бенефит за целиот регион“, рече Стевановски.

    На граѓаните ќе им се објасни и тоа дека едно до ветувањата е заедно со центарот да се изгради и пат обиколница за транспорт на сметот, рече тој.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира