СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ОХРИД ДОБИ БРОД-АМБУЛАНТА И ЕКО-ПАТРОЛИ НА ГАЛИЧИЦА

    СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ОХРИД ДОБИ БРОД-АМБУЛАНТА И ЕКО-ПАТРОЛИ НА ГАЛИЧИЦАПловилото ќе биде современо и опремено кое ќе патролира во Охридското Езеро и ќе ја зголеми безбедноста на локалното население и големиот број посетители. (Фото: СДК.МК)

    Со европски пари, а во рамките на проектот „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ кој е дел од ИПА 3 програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија, Охрид добива брод-амбуланта. Станува збор за современо и опремено пловило кое ќе патролира во Охридското Езеро и ќе ја зголеми безбедноста на локалното население и големиот број посетители.

    Дел од активностите кои ги потпишаа Министерството за локална самоуправа и Oпштините се и воспоставување еко-патроли во Националниот парк (НП) „Галичица“, а Крушево и Елбасан ќе развиваат одржлив туризам.

    „Проектот ‘Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата’ има особено значење за Охридскиот Регион. Тој е вистински чекор напред во јакнењето на нашите локални капацитети, во заштитата на човечките животи и во зачувувањето на уникатната природна средина. Овој брод ќе овозможи брз, безбеден и квалитетен медицински транспорт преку езерото и поголема безбедност за сите жители и посетители на охридското крајбрежје. Исто така, од особено значење се и активностите поврзани со Националниот парк ‘Галичица’ каде што ќе се воспостават нови еко-патролни тимови, кои ќе помогнат во спречување на нелегалните активности, шумски пожари и несреќи“, вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

    Како што рече Пецаков, западноевропските земји одамна го препознале значењето на волонтерите во системите за цивилна заштита, каде и до 95 отсто од спасувачките интервенции на планина и вода ги извршуваат специјализирани волонтерски организации. Тие се двигателот на солидарноста и хероите кои спасуваат човечки животи.

    Проектите „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ и „Крушево и Елбасан – Патување во природа и авантура“ имаат за цел да промовираат одржлив регионален развој и безбедност на заедницата, а вкупната сума е повеќе од 1,6 милиони евра.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира