СО ФЕСТИВАЛ НА РИБИ И „БЕЛА НОЌ“ ЌЕ СЕ ПРИВЛЕКУВААТ ТУРИСТИ НА ОХРИДСКО-СТРУШКАТА РИВИЕРА

    СО ФЕСТИВАЛ НА РИБИ И „БЕЛА НОЌ“ ЌЕ СЕ ПРИВЛЕКУВААТ ТУРИСТИ НА ОХРИДСКО-СТРУШКАТА РИВИЕРАСе проценува дека новите настани ќе привлечат 100.000 туристи (Фото: СДК.МК)

    Претстојната сезона ќе биде збогатена со низа настани со кои ќе се привлекуваат туристи на охридско-струшката ривиера. Локалните самоуправи на Охрид и Струга во соработка со маркетинг агенцијата „Еуростеп“ ќе организираат Фестивал на риба, „Бела ноќ“ и Саем за туризам.

    „Бела ноќ“ е планирана на 3 и 4 септември, кога голем број бендови и светски познати диџеи ќе прават забави на плажите и во дискотеките од Свети Наум до Радожда. Според најавите, се очекува ваквите манифестации да привлечат околу 100.000 туристи, кои освен на ривиерата, ќе имаат можност да престојуваат и во други градови.

    „Ќе имаме околу 40 забави од Свети Наум до Радожда. Со 100.000 туристи, на интернет страниците ќе имаме околу 10 милиони фотографии, што е убава можност и реклама за нашата држава“, вели Боби Јанкоски од „Еуростеп“.

    На Фестивалот на риба и рибарство, кој ќе се одржи во јуни, ќе се претстават рибарски здруженија од земјава и регионот. На штандови на кејот Црн Дрим во Струга ќе се презентираат рибји специјалитети, а ќе има и музички настани.

    „Завршени се преговорите со сите балкански земји и тие со своите рибарски здруженија ќе присуствуваат на тој саем, но и од земји-членки на ЕУ. Има повеќе понуди, но ние не можеме да прифатиме повеќе од 30 здруженија, бидејќи предност сепак треба да им дадеме на домашните. На штандови ќе се понудат рибите од Охридското Езеро“, додава Јанкоски.

    Туристичкиот саем во Охрид е закажан за 30 април и 1 мај, кога тур-операторите од светот ќе се запознаат со туристичките потенцијали и капацитети на земјава.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира