СО ХИБРИДНА НАСТАВА ПОЧНА НОВАТА АКАДЕМСКА ГОДИНА НА ШТУЛОВИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВО

    СО ХИБРИДНА НАСТАВА ПОЧНА НОВАТА АКАДЕМСКА ГОДИНА НА ШТУЛОВИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВОЗа да не се загрози здравјето на студентите и вработените, за првпат за студентите од прва година не се организира традиционален прием туку тој се одвиваше онлајн. (Фото: УЈИЕ)

    На Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово, познат и како Штулов универзитет по името на неговиот основач и голем поддржувач Холанѓанецот Макс ван дер Штул, од денес започна новата академска година 2020-2021. Наставниот процес ќе се одвива на комбиниран (хибриден) начин, што значи директна настава со студенти кои се присутни на часот (според соодветните распореди), а ќе постои можност наставата да се следи и преку камери инсталирани во секоја училница.

    „Новата академска 2020/2021 година ја започнуваме во услови на пандемијата ковид-19, како никогаш досега, година полна со здравствени предизвици, но и тестови за справување и внимателно управување со состојбата. Свесни за опасностите, институционално направивме максимални подготовки за строго спроведување на сите препораки за хигиенска и за лична заштита во текот на периодот на пандемија. Наставните часови и академскиот ангажман ќе бидат во хибриден формат, што значи физичко присуство на двата кампуси, во Тетово и Скопје, според здравствените протоколи и можноста за скратување на часовите и нивно покривање преку онлајн предавање“, изјави ректорот на УЈИЕ, академик и проф. д-р Абдулменаф Беџети.

    За да не се загрози здравјето на студентите и вработените, за првпат за студентите од прва година не се организира традиционален прием туку тој се одвиваше онлајн.

    „Новина за новата академска година е подобрувањето на технолошката опрема, подготвеноста да се понуди секој курс според хибридниот систем, електронски систем за управување со наставата, и континуираната заложба на кадарот да се прилагоди на наставниот материјал и одредувањето на квалитетна онлајн настава“, соопшти УЈИЕ.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира