Со последните интервенции на колекторот за заштита на Охридското Езеро, што ги врши фирмата „Еко-Тим”, тој без проблеми ќе работи во наредниве дваесетина години, вели директорот на ЈП „Колекторски систем” Владимир Алексиоски.
„За многу кусо време исчистен е колекторскиот систем од потегот кај „Гранит”, па сѐ до црпната станица кај Подмолје. Останува да се исчисти делот кај Лагадин, а тоа се само неколку стотина метри. Потоа ќе се пристапи кон поставување на цевки. Проценка е дека на тој начин системот без проблеми ќе функционира најмалку уште дваесетина години. Во овој момент нема излевање на фекалии во ниту еден дел од колекторот”, изјави Алексиоски.
До санацијата, колекторот работеше со 20 отсто од неговиот програмиран капацитет и неретко, особено во летните месеци, се излеваа фекалии во Охридското Езеро.
За ревитализација на колекторскиот систем Владата обезбеди 4,2 милиони евра.
Д. ЧУБРИЌ