СО ОДЛУКА НА УПРАВНИОТ СУД, ОПШТИНА ТЕТОВО СИ ГИ ВРАТИ ИНГЕРЕНЦИИТЕ ВРЗ ГИМНАЗИЈАТА „КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ“

    СО ОДЛУКА НА УПРАВНИОТ СУД, ОПШТИНА ТЕТОВО СИ ГИ ВРАТИ ИНГЕРЕНЦИИТЕ ВРЗ ГИМНАЗИЈАТА „КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ“Од Општина Тетово не соопштуваат дали повторно ќе ја разрешат директорката Лала (Фото: СДК.МК)

    Тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ минатата година беше место на чести судири помеѓу централната и локалната власт. Првин Општина Тетово ја разреши тогашната директорка Теута Лала и назначи нов директор. Следеше одговор од Министерството за образование и наука (МОН), кое на градоначалникот Билал Касами му ги одзеде надлежностите да назначува директор на гимназијата, ја врати разрешената директорка на работното место, а потоа на општината ѝ ги одзеде сите ингеренции врз ова училиште.

    На ваквата одлука Општина Тетово испрати жалба до Управниот суд, кој донесе решение со кое се поништува одлуката на МОН, а на Касами му беа вратени одземените надлежности врз тетовската гимназија.

    „Вчера ја добивме пресудата на Управниот суд со која се поништува решението на Министерството за образование и наука. Управниот суд е јасен и категоричен дека Министерството за образование и наука постапило спротивно на Законот за средно образование, дека неговото решение за одземање на надлежноста е целосно неправилно и незаконито и дека Министерството воопшто не пристапило кон утврдување факти и докази кои би претставувале основа за донесување на одлуката со која на градоначалникот му беше одземена надлежноста во однос на средното општинско училиште ‘Кирил Пејчиновиќ‘“, изјави Валедин Адеми од одделението за образование при Секторот за јавни дејности на Општина Тетово.

    Оттаму не соопштуваат дали повторно ќе ја разрешат директорката Лала, туку ќе чекаат да видат каква одлука ќе донесе советот на училиштето.

    Минатата година, додека беше под ингеренции на МОН, а директорка беше Лала, гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ често се среќаваше со проблеми, имаше прекини во снабдувањето со електрична енергија поради неплатени сметки и доцнеа платите на вработените.

    Директорката Лала стана позната во јавноста кога при реконструкцијата на гимназијата дозволи да се уништи муралот на познатиот сликар Павле Кузмановски, кој уште во 1960-тите го постави во холот на гимназијата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира