Сопствениците на имот долж обиколницата кај Богданци излегоа на предупредувачки протест, откако согласно проектот почна изведба на одводен канал поради кој ќе им се затвори пристапот до нивните објекти и обработливи површини. Тие бараат од надлежните да се ревидира проектот или да им се обезбеди пристап. Станува збор за над 100 имоти, кои со изградбата на одводниот канал ќе останат без решение за каков било пристап до некаков пат.
„Срамота е ова, јас имам ниви овде, оранжерии. Како ќе стасам до нив, ќе летам? Мора да се најде решение за да ги обработувам овие оранжерии кои ми се единствениот извор на егзистенција. Мора да се најде пристап. Или да се обезбедат премини или одводниот канал да биде затворен“, рекоа насобраните земјоделци.
На овој потег има и десетина фирми кои директно излегуваат на обиколницата. Со реконструкцијата и изградбата на одводниот канал, тие најавуваат ставање клуч на стопанските објекти.
„Јас имам овде транспротна фирма со плац и 16 камиони. Ако не ми обезбедат пристап тоа ќе значи крај за мојот бизнис. Каде да ги носам камионите“, вели транспротерот Ристо Шлепетуров.
Градоначалникот на Богданци Блаже Шапов ни рече дека целиот проблем е што овој патен правец од локален преминал во регионален.
„Во контакт сме со надлежните институции и мора да се најде решение за овој проблем. Не е мала бројка на вработени и земјоделци кои егзистираат од овој дел на Богданци. Овие денови планираме да оствариме средба за да обезбедиме пристап“, вели градоначалникот Шапов.
Реконструкцијата на обиколницата чини околу 2,1 милион евра.
В. ТРАЈКОВ