На свеченост во близина на Демир Капија се означија градежните работи на изградбата на гасоводот кон Грција. Гасоводот кој треба да ја поврзе Македонија со Грција, значи поврзување со европската енергетска мрежа и помала енергетска зависност на земјава. Цевковод во должина до грчката граница е во должина од 67 километри.
„Изградбата на интерконекторот е од Гевгелија до Демир Капија. Има една редукциска станица и четири станици. Треба да се совладат неколку природни пречки, реки, патишта, железница. Ова е сериозен инжинерски зафат, кој бара посебни методи за премин на реките Вардар и Бошава. На трасата има доста карпест терен за совладување, што бара соодветна механизација за пробивање. Од потпишувањето на договорот и воведувањето во работа, досега имаме пробиено 12 километри од 67. Интензивно работиме и се надеваме дека во перидот до 22 месеци ќе го поставиме цевководот“, кажа Тони Каранфиловски, сопственик и управител на фирмата „Рапид билд“ која ги изведува градежните работи.

Вредноста на инвестицијата е 3,7 милијарди денари или 60 милиони евра, обезбедени од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. (Фото: СДК.МК)
На терен сè уште има нерасчистени парцели со експропријација и нераскинати договори за закуп на земјоделско земјиште, каде изведувачот не може да влезе да работи. Има и предели под шума за кои треба дозволи за нејзина сеча, и дрвната маса да се однесе од локацијата.
„Ова е капитален и стратешки значаен проект и за нас и за регионот. За релативно краток период успеавме да ги завршиме сите неопходни постапки и да започнеме со негова конкретна реализација. Тој немаше да се реализира без помош на ЕУ. Со него ја зајакнуваме енергетската безбедност, го унапредуваме процесот на диверзификација на снабдување со природен гас“, кажа Мухмет Елмази директор на „НОМАГАС“.
Користа од гасоводот е за широк круг, се обезбедува стабилно снабдување на индустријата, пониски цени за домаќинствата, поголема конкурентност за компаниите.
„Драго ми е што македонска фирма го доби тендерот за изградба. Тоа зборува дека има успешни компании кои се конкурентни и можат да ги добијат меѓународните тендери. Ова е одлична вест за економијата“, кажа Бјорн Габриел претставник на Европската инвестициска банка, која заедно со Европската банка за обнова и развој ја финансираат изградбата на цевководот.
Вредноста на инвестицијата е 3,7 милијарди денари или 60 милиони евра, средства обезбедени од двете банки. Цевководот обезбедува и економски придобивки, но и еколошки, замена за загадувачките горива, дрва и мазут во региони каде сè уште се користат.
„Ова не е инвестиција во цевки и бетон, туку во енергетската независност. Овој гасоводен интерконектор ќе донесе нови извори на пририоден гас, со што конечно стануваме дел од Европската енергетска мрежа“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
П. ПЕЧКОВ