СО ПАРИ ОД ШВЕДСКАТА НАЦИОНАЛНА ТЕЛЕВИЗИЈА, 30-ТИНА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД РУРАЛНИ СРЕДИНИ ДОБИЈА СВОИ ФАРМИ

    СО ПАРИ ОД ШВЕДСКАТА НАЦИОНАЛНА ТЕЛЕВИЗИЈА, 30-ТИНА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД РУРАЛНИ СРЕДИНИ ДОБИЈА СВОИ ФАРМИПреку донацијата која ја добија, овие лица имаа можност сами да се обезбедат со храна, а вишоците да ги продаваат на пазар. (Фото: СДК.МК)

    За надминување на економската немоќ, но и вклучување во социјалниот живот, 30-тина фармери од Македонија, беа дел од проектот „Од попреченост до обезбеденост со храна“. Тој се однесува на лица исклучиво од руралните средини, кои добија грант за подигање на пластеници, а две лица за сточарски стада, за телиња и за кози. Дел од учесниците се претставија на саем во Велес, каде изложија, козјо млеко, млада зелка, млад кромид, садници со цвеќе.

    „Преку донацијата која ја добија, овие лица имаа можност сами да се обезбедат со храна, а вишоците да ги продаваат на пазар. Овие вишоци ги промовираме во Велес, за да види јавноста  дека лицата со попреченост може да произведуваат, може да се интегрираат и да бидат видливи за општеството“, кажа Стеван Орозовиќ од Националната Федерација на фармери.

    Проектот е реализиран со Шведската агенција за развој, а донаторот е Шведската национална телевизија. Таа има добротворен концерт и средствата собрани за време на концертот потоа се доделуваат на заедници во други држави, на кои јавниот сервис смета дека им се неопходни и потребни.

    Иван Нацевски е од светиниколското село Ерџелија. Тој има стадо од по 50 кози и јариња.

    „Произведувам козјо млеко. Тоа е добро опфатено на пазарот во Свети Николе и околината, го бараат. Задоволен сум од проектот што ми овозможи економско зајакнување“- вели Нацевски.

    Меѓу 30-тината лица кои добија грант е и Славица Димовска од Чашка. Таа живее сама. Под фолиите во кои има и систем капка по капка одгледува домати, пиперки, компир, зелка.

    „Сама не можам да работам, ми помагаат две лица. Излегувам на пазар, ама крајот е богат со овој зеленчук и тешко се продава, сите имаат бавчи. Затоа плетам и везам, не се живее со 4. 500 денари надомест“, вели Димовска.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира