Општина Куманово ќе купи таблети и друга електронска опрема за учениците од ранливите семејства со парите кои се предвидени за новогодишно украсување на градот и огномет. За истата намена ќе бидат потрошени и средствата предвидени за организирање концерт на градскиот плоштад по повод Денот на ослободување на Куманово – 11 Ноември. Тој нема да се одржи поради ковидкризата.
Општината минатите години трошеше околу 10.000 евра за ангажирање регионални пејачи за концертот на плоштадот, а за украсувањето на градот 20.000 евра.
„Оваа година решивме да ги пренамениме средствата кои се предвидени за организација на концертот и за новогодишното украсување и огномет. Дадов веќе предлог до Советот со ребалансот на буџетот овие средства да се пренаменат за набавка на таблети и друга електронска опрема, што учениците од нашата општина ќе ги користат за онлајн настава“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Тој за годинава најави скромна прослава по повод 76-годишнината од ослободувањето и 501 година од постоењето на градот.
С. НИКОЛИЌ