Следната недела со работа ќе започне нова странска инвестиција во Технолошката индустриска развојна зона кај Штип (ТИРЗ-Штип). Станува збор за фабрика на канадската компанија „Магна“, која почна да се гради во 2023 година, а ќе произведува компоненти за автомобилската индустрија.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека оваа компанија ќе вложи околу 45-50 милиони евра и ќе вработи од 500 до 600 луѓе.
Уште кога почна да се гради оваа фабрика беше најавено дека вработените ќе имаат просечни плати од 850 евра и дека намерата е со проширување на производствените капацитети бројот на вработени да се зголеми за уште толку.
Мицкоски кажа дека покрај оваа инвестиција, во процес на развивање се уште 15 странски инвестиции и очекува најмалку половина да бидат успешно реализирани, а зошто да не и сите.
„Со ова само се потврдува фактот дека Македонија во регионот ќе апсорбира најголем број странски инвестиции по глава на жител“, рече Мицкоски.
Како што најави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, по средбата со италијанскиот амбасадор и италијански бизнисмени во Штип, наскоро и една италијанска компанија ќе отвори фабрика за производство на елементи за базени, во која ќе бидат вработени најмалку 50 лица.
Т. ЈОВАНОВСКИ