Со сослушување на вешто лице од областа на архитектурата и урбанизмот, во Основниот суд Куманово денеска продолжи судењето на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, обвинет од Основното јавно обвнителство (ОЈО) Куманово за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца кумановски бизнисмени за неиздавање дозвола за градба.
На рочиштето беше презентиран стручен наод и мислење по однос на постапката за одобрение за градење во услови на супендиран урбанистички план изработен од Жаклина Ангеловска, вешто лице од областа на архитектура и урбанизам, на барање на одбраната на Димитриевски.
„Наодот на вештото лице покажува дека Општина Куманово постапувала согласно закон и го штитела јавниот интерес, и не е неправен ниту еден пропуст од Општина и вработените, а не е ускратено ниту едно право на странките. Сметам дека после ваквото видување, кое со негодување беше прифатено од обвинителот, овие докази го уриваат обвинението, а од друга страна ги потврдуваат сите мои ставови. ОЈО треба што поскоро да го повлече обвинението, бидејќи не е издржано“, кажа Димитриевски.
Наспроти ова, адвокатот на бизнисмените, Виктор Божиновски, вели дека вештачењето е изработено наменски и воопшто не е базирано на Законот на урбанистичко планирање и законот за градење, туку врз правни прашања кои се работа на судот, а не на вештото лице.
„Во вештачењето се заборава еден дел, дека градоначалникот бил должен во рок до два дена да извади пресметка за комуналии, односно надомест за уредување на градежно земјиште, а тоа не го сторил. По два месеци го суспендирал ДУП-от. Тоа е основата на целата постапка. Ова што денеска го зборуваше вештото лице е апсолутно неточно, бидејќи цело време тврди дека е работено согласно законот, а во исто време имате две пресуди на Управниот суд и две одлуки на Уставниот суд, кои потврдуваат дека незаконски се работело од страна на градоначалникот и Општината“, рече Божиновски.
Наредното рочиште е закажано во февруари и ќе бидат сослушани две вешти лица на барање на одбраната Димитриевски.
Според обвинението, Димитриевски од април 2023 како градоначалник на Општина Куманово не ја извршувал својата службена должност и не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште на правните лица „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“ од Куманово. Со тоа сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.4б.б.ст.1 од Кривичниот законик.
С. НИКОЛИЌ