СО УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ ВО РАДОВИШ И ВАСИЛЕВО ЌЕ УПРАВУВААТ ПРИВАТНИ КОМПАНИИ, ОПШТИНИТЕ ТВРДАТ ДЕКА ЌЕ НЕМА ПОВИСОКИ СМЕТКИ

    СО УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ ВО РАДОВИШ И ВАСИЛЕВО ЌЕ УПРАВУВААТ ПРИВАТНИ КОМПАНИИ, ОПШТИНИТЕ ТВРДАТ ДЕКА ЌЕ НЕМА ПОВИСОКИ СМЕТКИОпштините Радовиш и Василево склучија договори за јавно-приватно партнерство вредни над 1,6 милиони евра со приватни компании кои ќе треба да ги заменат уличните светла со лед светилки; - Макеодски телеком 6 и пол години ќе управува со осветлувањето во Василево. (Фото: СДК.МК)

    Општините Радовиш и Василево склучија договори за јавно-приватно партнерство со компании кои во наредните години ќе треба да го подобрат јавното улично осветлување, а во првите месеци да извршат целосна замена на сите сијалични места со лед светилки. Станува збор за јавно-приватно партнерство по ЕСКО модел поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Радовиш склучи договор со „Интеренерго Македонија“ во вредност од 1,3 милиони евра, за кои компанијата ќе треба да ги замени сите 3.450 светилки во оваа општина.

    „Според нашите проекции, со вградувањето штедливи лед светилки очекуваме заштеди и до 70 проценти за потрошена електрична енергија на ниво на општина. Очекуваме од заштедите да ја исплатиме инвестицијата. Во рок од четири месеци, ќе треба да изврши замена на целото улично осветлување, односно во градот и населените места, а договорот ни трае осум години“, вели градоначалникот Герасим Конзулов.

    Тој тврди дека со ова јавно-приватно партнерство нема да има дополнително оптоварување на буџетот на Општината ниту на крајните корисници – домаќинствата и правните лица.

    Дека граѓаните нема да плаќаат повисоки сметки од досегашните за улично осветлување, тврди и градоначалникот на Василево Марјан Јанев, кој деновиве склучи договор за јавно-приватно партнерство со Македонски телеком. Оваа компанија треба да  замени 1.110 сијалични места со штедливи лед светилки и да ги одржува во наредните шест и пол години, за што ќе наплати околу 330 илјади евра.

    „Ќе добиеме ново улично осветлување и заштеди по овој основ со кои ќе ја исплатиме инвестицијата. Граѓаните за улично осветлување ќе плаќаат како и досега и нема да добиваат повисоки сметки за струја. По завршување на договорот, како Општина добиваме улично осветлување со штедливи светилки“, рече Јанев.

    Јавно-приватно партнерство за улично осветлување по ЕСКО модел освен Радовиш и Василево се очекува да биде склучено и во Општините Валандово и Босилово во Југоистокот, но и во други 10-тина општини во земјава.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира