За еден до два месеца, конечно ќе се постави сончевиот часовник на Еврејските гробишта во Битола, соопшти израелскиот амбасадор Дан Оријан на последната средба со битолските новинари пред неговото заминување од функцијата. Часовникот, изработен според цртежите на уметникот Мати Грумберг, последното Еврејче родено во земјава пред депортацијата, поради правни работи чека повеќе од две години да биде ставен на гробиштата, зашто локацијата е културно наследство од прва категорија.
„Мислиме дека конечно можеме да го поставиме часовникот на Мати Грумберг на Еврејските гробишта. Ние се обидувавме во последните две години, но имаше потешкотии. Вчера се сретнав со министерката за култура. Потребни се уште неколку технички работи и ако сè оди по планот, во септември или октомври ќе имам можност да дојдам повторно и да прославиме заедно“, рече Оријан.
Грумберг бил роден во скопско село на 4 март 1943, само неколку дена пред депортацијата. На неговото семејство му помогнале луѓе кои имале млин за брашно. На таткото на Мати му дале задача да го одржува млинот и ги сокриле од фашистите, а по војната заминале за Израел. Досега по негови проекти се поставени вакви часовници во Ерусалим и Њујорк, но со помали димензии. Во Битола, часовникот по замислата на Мати го изгради градежниот инженер Ѕвонко Ристевски. Висок е шест метри и со дијаметар од девет метри. Направен е од два тона железо и има 90 делови.
Во изминатите седум години, додека траеше мандатот на Оријан, беа покренати Маршот на живите во Битола, првиот хакатон натпревар во креативно раскажување, настани со пеење на комеморативни песни, изложби и голем број други манифестации во кои беа вклучени и деца со попречености. Последната негова соработка беше со доброволното противпожарно друштво „Архангел“, кога ги исчистија петте хектари површина на Еврејските гробишта.
На местото на Оријан доаѓа Симона Френкел, која беше амбасадор на Израел во Брисел.
Ж. ЗДРАВКОВСКА