СОПСТВЕНИКОТ НА „МАРКОВСКИ КОМПАНИ“ БОРЧЕ МАРКОВСКИ И РАКОВОДИТЕЛ ОД РЕК „БИТОЛА“ ДОБИЈА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ СО ТЕНДЕРИ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ СЕ ЖАЛИ

    СОПСТВЕНИКОТ НА „МАРКОВСКИ КОМПАНИ“ БОРЧЕ МАРКОВСКИ И РАКОВОДИТЕЛ ОД РЕК „БИТОЛА“ ДОБИЈА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ СО ТЕНДЕРИ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ СЕ ЖАЛИНадлежниот јавен обвинител не се согласува со ваквата одлука, особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот има и значителен имот во друга држава. (Фото: СДК.МК)

    Основниот суд од Битола не го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) за определување мерка притвор за двајцата од осумте осомничени во новата истрага поврзана со злоупотреби со јавните набавки во РЕК „Битола“. Судот наместо тоа определи куќен притвор. Станува збор за еден од раководителите на ПЕ Рудници во РЕК „Битола“ и за Борче Марковски, сопственикот на фирмата „Марковски компани“, која претходно ги добивала тендерите во Коминатот и која како правен субјект се сомничи за извршени злоупотреби при јавните набавки.

    Од ОЈО соопштија дека надлежниот јавен обвинител не се согласува со ваквата одлука, особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот има и значителен имот во друга држава. Од тие причини обвинителството ќе вложи жалба на одлуката на судот и ќе бара мерка ефективен притвор.

    ОЈО денес изаде наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК „Битола“. Од Обвинителството соопштија дека постојат докази за основано сомнение дека петмина од осомничените, службени лица во РЕК „Битола“, односно поранешниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК, во текот на 2023 како соизвршители сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Според ОЈО, тројца од горенаведените раководители и директори во ПЕ Рудници и уште едно службено лице во РЕК „Битола“ се осомничени и за продолжено кривично дело Измама во службата,

    Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК „Битола“ незаконито наплатиле 106.200.000 денари (над 1,7 милиони евра) со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство според член 275в од Кривичниот законик.

    Покрај предлогот за определување мерка притвор за двете лица, ОЈО побара уште за две раководни службени лица од ПЕ Рудници и за вработениот во компанијата да бидат изречени мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и повремено јавување во Судот. Поранешниот директор на РЕК „Битола“ веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК „Битола“ во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира