СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ДУЌАНИ ВО ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ ЗАБРАНАТА ДА ПАРКИРААТ НА УЛИЦА

    СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ДУЌАНИ ВО ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ ЗАБРАНАТА ДА ПАРКИРААТ НА УЛИЦАУчесниците на протестот велат дека забраната им го отежнува работењето и им го намалува прометот (Фото: СДК.МК)

    Сопствениците на дуќаните лоцирани во близина на поштата денеска на еден час го блокираа сообраќајот во Велес на почетокот на улицата Алексо Демниевски-Бауман. Тие не се задоволни од сообраќајното решение со кое не се дозволува паркирање на улицата, зашто, како што велат, тоа им го отежнува работењето и им го намалува прометот.

    „Не сме задоволни со новото сообраќајно решение, со овие пластични столпчиња и забраната за паркирање на оваа улица. Со ова се блокира нашата работа. Тоа се 26 фирми, прометот опаѓа. Нема подобар проток на сообраќај, се вози брзо и како резултат на тоа, вечерта пред нова година се случи сообраќајка. Се укинаа лентите за паркирањем а таа ни е неопходна. Бараме да се укине ова решение и да се врати старото. Ако тоа не е можно, нека се најде ново решение. Нашите муштерии сега немаат каде да застанат и пазарат. Бараме решение во интерес на граѓаните, кое ќе им користи на сите“, изјави Антонио Цилаков, еден од засегнатите со сообраќајниот режим, кој почна да важи на 22 декември.

    Тие протестираа пред знакот за забрането паркирање, кој е тука со години. На протестот се приклучија и дел од станарите во зградата над аптеката, кои имале простор за само пет возила, па ги паркирале на улицата, а сега немале каде. Барањето кое го доставиле не е оправдано, смета градоначалникот Аце Коцевски.

    „Барањето не е во согласност со Законот за безбедност во сообраќајот. Згора на тоа, да потсетам дека е забрането да се паркира пред и на крстосница, а тоа често се случуваше на оваа локација, пред поштата. Со новото решение, сообраќајот се одвива непречено, брзо и без застои. На оваа улица за која сега се реагира никогаш не било дозволено паркирање, знакот сѐ уште стои. Тоа што изминатите години состојбата беше излезена од контрола, па не се казнувало и не се почитуваа знаците е прашање за сообраќајната полиција“, кажа Коцевски.

    Тој додаде дека за ова сообраќајно решение добиле согласност од МВР, а била направена и ревизија, за која немало забелешки. Објасни дека улиците Благој Ѓорев, 8 Септември и Алексо Демниевски-Бауман биле категоризирани како градски магистрални и на нив не било дозволено паркирање.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира