Сопствениците на овоштарници во месноста Кумиште, кои настрадаа во големиот пожар од 22 август кај Струмица, бараат поддршка или помош од државата, бидејќи штетите се огромни. Станува збор за околу 400 декари насади со сливи, вишни и ореви, кои изгореа или се уништени од пламените јазици, па сега фармерите се принудени да ги корнат дрвцата стари од 6 до 8 години и напролет да садат нови на земјиште кое го имаат земено под закуп од државата.
Меѓу оштетените е и Ацо Стоилков кому пожарот му изгоре околу 230 декари со сливи. Дел од засеаната површина сè уште била со род. Сега останал и без род и без дрвца. Тврди дека штетата му е околу половина милион евра.
„Имам засадено 18 илјади садници со сортите ‘чачанска лепотица’ и ‘стенли’. Насадите беа во полна родност, стари се по 8 години и очекувавме добар род. Паралелно со садниците, имаме изгорено и помошен објект каде што чуваме репроматеријали. Штетата се проценува на околу 500 илјади евра. Направивме записници и сега е ред со надлежните да видиме што и како, оти земјиштето ни е под закуп. Бараме разговори со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) да видиме како понатаму, оти за да ја исчистиме таа парцела ќе ни требаат две години и дополнителни инвестиции од 200 илјади евра“, вели Стоилков.
Тој тврди дека во истата месност и лани имало пожар, кој му зафатил еден хектар насад со слива, но годинава штетите, како што кажа, се ненадоместливи.
Пожарот кај Струмица ја зафати целата област наречена Софилар и стаса и до првите објекти од градот. Интервенираа противпожарни единици од Струмица, Радовиш и Валандово, како и доброволни друштва од регионот. Се гаснеше и од воздух. Во пожарот, освен овоштарници, настрадаа и земјоделски посеви, но и помошни објекти кои се користеле и како викендици.
В. ТРАЈКОВ



