СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ ДОБИЈА 29 РАНЛИВИ СЕМЕЈСТВА ВО ВЕЛЕС

    СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ ДОБИЈА 29 РАНЛИВИ СЕМЕЈСТВА ВО ВЕЛЕССтановите ги добија деца без родители или родителска грижа, корисници на право на гарантирана минимална парична помош, лица со попреченост или семејства на лица со попреченост, самохран родител, припадници на социјално загрозена ромска популација. (Фото: СДК.МК)

    Дваесет и девет велешки семејства од социјално ранливите категории ги добија клучевите од нивните нови домови, станови во таканаречената „социјална зграда“ во Велес. Секое семејство со своја животна приказна, кои живееле под кирија, повеќе членови во скромни услови, лица со попречености. Сите тие со солзи радосници ги примија клучевите. Меѓу нив и 19-годишна девојка која пораснала во згрижувачко семејство.

    „Ова е нашиот нов дом, за мене и мојот малолетен брат. Родителите нè заборавиле, но еве државата не. Благодараност до семејството Дурмишовски кое нè порасна“, кажа девојката.

    Зградата е на пет ката, со површина на становите од 38 до 42 м2, инвестиција на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Лоцирана е блису до некогашната циглана „Киро Ќучук“. Започна да се гради во април 2021.

    „Со среќни мигови станарите да престојуваат во нивните нови домови. Овие се 29, претходно во Велес беа изградени 144, од нив 70 отсто се продадени, а остатокот е под закуп“, рече Марјан Стефановски, директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

    Закупот е 15 денари од м2 или 600 денари за еден месец за еден стан во новата зграда во Велес. На јавниот повик аплицирале 59 лица, 19 пријави не биле комплетни па се отфрлени, 11 се одбиени, па така станови добија 29 лица.

    Становите ги добија деца без родители или родителска грижа, корисници на право на гарантирана минимална парична помош, лица со попреченост или семејства на лица со попреченост, самохран родител, припадници на социјално загрозена ромска популација.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира