Жолчна расправа се случи меѓу советникот Иван Чулакоски од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ и градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски на вчерашната седница на Советот, додека се дискутираше за Програмата за туризам во Битола. Чулакоски рече дека за Програмата се предвидени 5 милиони денари (околу 80.000 евра), а дури 3 милиони (околу 48.500 евра) се наменети за „Зимска приказна“, што ја организира Општината како празнична програма во траење од само две недели, од 20 декември до 6 јануари.
Чулакоски побара од Општината на советниците да им се достават сите договори од фирмите кои се рекламираат во „Зимска приказна“ и праша каде завршуваат парите. Новогодишниот панаѓур, кој викендов се одржа на Пелистер, а беше дел од „Зимската приказна“, тој го нарече селска забава, додавајќи дека не се преземаат други ативности за туристички развој на планината. За дочекот на Нова година, исто така во рамки на општинската манифестација, каде меѓу другите ќе настапат Сузана Спасовска и Зуица Лазова, рече дека е дочек како оние во дијаспората.
„Националниот парк освен селската забава некни со оро играње на сред планина, аџанак-баџанак, видовме дека нема друг развој на планината. Единствено што имаме промена во програмата оваа година, се разни трансфери – каде имаше дупка за ‘Зимската приказна’ даваме од развој на туризмот. За две недели за ‘Зимска приказна’ трошиме пари колку што цела година имаме за туризам. Не може, оваа година завршува тука приказната! Не можеме да ги трошиме сите пари за развој на турзимот за седум дена и за Сузана Спасова и Зуица Лазова, небаре во Австралија некој дочек ќе правиме во некоја црква, во дијаспората“, рече Чулакоски.
Градоначалникот Коњановски прво му отчита како што рече „една лекција од психологијата“ за кредибилитет, а потоа го нарече исфрустриран, но дека тој не можел да му помогне зашто имал специјализација од друга област.
„Со ‘Зимска приказна’ сме во Македонија број еден, но на вас нешто не ви се свиѓа, кажавте од ваши причини, јас би ги нарекол фрустрации. Има луѓе кои се исфрустрирани и тука нема помош, јас не можам да ви помогнам зашто сум доктор од друга професија. Ако ‘Зимската приказна’ и ‘Битфест’ не се туристичка промоција на градот, тогаш вие ништо не знаете од туризмот. Не велам дека не треба и други настани, не велам дека ова е перфектна слика, но дека сме најдобри тоа го кажуваат луѓето не само од Битола, туку и оние кои не живеат во овој град, а доаѓаат на настаните. За злобата и злото кое нѐ уништува сите граѓаните ќе судат, за една година има избори“, рече Коњановски.
За договорите што ги побара Чулакоски, градоначалникот одговори дека не ги чува в џеб, а дека советникот може да достави барање за информации од јавен карактер. Но, нагласи дека постои разлика меѓу донации кои минуваат на Советот и спонзорства за кои според закон постои заштита за оддавање информации за правните субјекти.
По ова Коњановски ја напушти седницата, а Чулакоски од говорница рече:
„Откако ми даде дијагноза, не ми даде можност да ја одбранам, вешто нѐ изврти сите, а не одговори каде се парите од спонзорствата“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА