СОВЕТНИКОТ ЧУЛАКОСКИ ПО ПЕТТИ ПАТ СО СНОУБОРД СЕ СПУШТИ ОД ВРВОТ БАРАЈЌИ ГОНДОЛА ЗА ПЕЛИСТЕР, ОПШТИНАТА ВЕЛИ ПРОЦЕСОТ Е ДОЛГ, А ВЛАСТА ВО СОБРАНИЕТО ОТФРЛИ ИЗГРАДБА

    СОВЕТНИКОТ ЧУЛАКОСКИ ПО ПЕТТИ ПАТ СО СНОУБОРД СЕ СПУШТИ ОД ВРВОТ БАРАЈЌИ ГОНДОЛА ЗА ПЕЛИСТЕР, ОПШТИНАТА ВЕЛИ ПРОЦЕСОТ Е ДОЛГ, А ВЛАСТА ВО СОБРАНИЕТО ОТФРЛИ ИЗГРАДБАЧулакоски со спуст низ планинските предели на кои нема патеки за спуштање побара изградба на гондола како во Чајетина, Србија (десно). (Фото: Фејсбук)

    На температура од минус пет степени Целзиусови, во магла и врнежи од снег, советникот Иван Чулакоски од независната советничка група Поинаку, на штица за сноубординг, a облечен во костум, се спушти од 2.370 метри надморска височинана на Пелистер. Ова беше негов петти спуст со сноуборд низ планинските предели на кои нема патеки за спуштање, за да побара изградба на гондола и Детското одморалиште кое се рАспаѓа да се даде на Општина Битола.

    „Тешки временски услови, но желба Пелистер да прерасне во огромен зимско-летен туристички центар е поголема од сѐ“, кажа Чулакоски.

    Идејата за изградба на гондола на Пелистер, по примерот на српската Општина Чајетина на Златибор, ја покрена токму тој пред повеќе од година дена кога советениците од Битола едногласно изгласаа да се извдојат два милиона денари (околу 32.000 евра) во 2024 и 2025 година за изработка на физибилити студија и техничка документација. Но, досега тоа не е направено.

    По неуморните обиди на Чулакоски да ја држи актуелна темата во битолскиот Совет, делегација од Општина Битола на почетокот на месецов беше во официјална посета на Чајетина. По враќањето, градоначалникот Тони Коњановски соопшти дека биле запознати за тешкиот пат што го поминале колегите од Србија на кои им требале 10 години за да ја изградат гондолата.

    „Туристичка панорамска гондола многу значи за туристичкиот развој на овој регион. Ги собравме искуствата, се надевам дека и Општина Битола можеби да покрене ваква иницијатива, тоа зависи од нас, треба посветеност, треба тим кој цела таа документација и работа може да ја истурка до крај“, изјави Коњановски додавајќи: „Мислам дека и на советникот Чулакоски сега му стана јасно дека овој процес е долг и треба трпение“.

    На ова, Чулакоски возврати дека биле заедно во Чајетина кога од локалната власт им кажале дека 10 години траела реализацијата зашто биле опозиција во однос на централната власт.

    „Вие и централна власт имате и пак ништо“, возврати Чулакоски.

    Во меѓувреме, Левица од Битола соопшти дека иронијата да биде уште поголема, кога делегацијата од Битола предводена од градоначалникот беше во Чајетина, од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието беше одбиен амандманот на пратеничката од Левица Јована Мојсоска од буџетот за 2025 година да се извдојат средства за изградба на ски-центар и гондола на Пелистер.

    Исто така, барањето на Советот на Општина Битола, покренато од Поинаку, Владата да помогне во изградба на гондолата, минатиот месец заврши во Државниот инспекторат за локална самопуправа на нивно понатамошно постапување и одлучување. Од Поинаку со иронија рекоа: „Побаравме помош од Владата, а завршивме пријавени во инспекторат“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира