ЗА ИДНИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ ЌЕ ИМА ПОМАЛКУ ПАРИ, ОТИ ДРЖАВНИОТ ПЕНЗИСКИ ФОНД ДОЦНИ СО УПЛАТИТЕ НА ЛИЧНИТЕ СМЕТКИ ВО ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ ФОНД И ТИЕ НЕ СЕ ОПЛОДУВААТ

    ЗА ИДНИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ ЌЕ ИМА ПОМАЛКУ ПАРИ, ОТИ ДРЖАВНИОТ ПЕНЗИСКИ ФОНД ДОЦНИ СО УПЛАТИТЕ НА ЛИЧНИТЕ СМЕТКИ ВО ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ ФОНД И ТИЕ НЕ СЕ ОПЛОДУВААТПремиерот Христијан Мицкоски гостувајќи во подкастот „Каде се парите“ рече дека дека голем дел од корисниците на вториот столб нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки. (Фото: К. Попов)

    Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) не ги префрла редовно парите во вториот пензиски фонд иако има обврска тоа да го прави во рок од пет работни дена. Ова го покажа ревизорскиот извештај за работата на Фондот за пензиско осигурување за 2024 години, со што долгот на ПИОМ кон вториот пензиски столб е 42 милиони евра. Со ова директно се оштетуваат осигурениците, затоа што тие пари не се на нивната лична сметка, не се инвестираат и не носат принос.

    Од придонесите за пензиско осигурување од 18,8% што ги уплаќа еден осигурител од својата месечна бруто плата, 12,8 % се одвојуваат за Фондот на ПИОМ и 6% се уплатува на индивидуалната сметка на членот во приватниот пензиски фонд. Средствата во вториот столб се инвестираат на пазарите на капитал за да остварат принос и да ја зголемат идната пензија на осигуреникот. Осигурениците добиваат пензија од комбиниран систем, односно од првиот и вториот столб, а евентуално и од третиот столб кој е незадолжителен.

    По објавувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија ДЗР за Фондот за ПИОМ, премиерот Христијан Мицкоски гостувајќи во подкастот „Каде се парите“ рече дека дека голем дел од корисниците на вториот столб нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки.

    „Мислам дека очекувањата кај корисниците се многу поголеми, убеден сум дека тогаш кога е правена оваа реформа имале добри намери, но за жал, сега мислам дека нема да ги даде очекуваните резултати. Од оваа перспектива жалам што воопшто е влезено во правање на оваа реформа, имајќи во предвид дека голем дел од европските земји и членки на ЕУ имаат само еден столб. Не знам дали очекуваните резултати ќе се добијат, да бидам прецизен, сигурен сум дека намерата била добра, но од денешна перспектива загрижен сум дека голем дел од корисниците нема да бидат задоволни“, рече Мицкоски.

    Мицкоски во април 2020, додека ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, предложи средствата кои што се уплаќаат во фондот за вториот задолжителен приватен пензиски столб, државата да ги пренасочи во првиот задолжителен државен столб. На овој негов предлог, тогашниот премиер Зоран Заев кажа станува збор за пари на граѓаните и тоа е исто како да им ги земете парите од дома.

    „Не треба да се чепка во вториот пензиски столб, тоа се пари на граѓаните. Ние сме европска земја, имаме европски вредности. Ако чепкаме во тие пари на граѓаните тогаш да чепкаме и дома што имаме пари. Да им ги земеме и на газдите, да им ги земеме на сите. Газдите и бизнисмените треба најмногу да дадат, но сето тоа мора да биде врз основа на закон и вредности, ние сме демократија“, кажа Заев на 2 април 2020.

    Оваа не е првпат Фондот за пензиско осигурување да не префрла во вториот пензиски столб дел од парите што легнуваат на нивната сметка од осигуренците. Во 2019, тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска објави скандалозни податоци дека на 12.000 осигуреници со години не им биле префрлани парите во приватните пензиски друштва. Тогаш од државниот Буџет беа одвоени 19 милиони евра за покривање на овие долгови кон приватните друштва, а осигуреници беа обесштетени и за приносот кој би го имале во приватните пензиски друштва.

    Ревизорите констатираат дека и покрај зголемените приходи во текот на 2024 година, тие не се доволни за покривање на растечките расходи за пензии. Според извештајот, трансферите од државниот Буџет учествуваат со 36,71 проценти во вкупните приходи на Фондот, што укажува на значителна зависност од државната поддршка за редовна исплата на пензиите.

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на последната собрансика седница за пратенички прашања за  состојбата на Фондот за ПИОМ рече дека прашањето за исплатата на средства во вториот пензиски фонд треба да биде упатено до директорот на ПИОМ, а не до Министерството за финансии.

    „Трезорот има улога на шалтерски работник во банка, ако има пари институцијата и ликвидност тоа значи дека може да се изврши плаќањето. Ако нема пари и ликвидност тоа значи дека плаќањето не може да се изврши. И тоа нормално треба да се гледа до крајот на годината какви ќе бидат состојбите. Генерално, за периодот за кој што прашувате, хипотетички кажувам сега, имаме сто единици коишто сме ги планирале да ги оствари пензискиот фонд и велиме уште 50 единици ќе дополниме од буџетот, меѓутоа тие 100 единици во некој момент се 98 и две остануваат неостварени, притоа одговорното лице во Фондот треба да одлучи како ќе ги менаџира парите. Ако одговорното лице во Фондот пушти во исто време налози за плаќање кон одреден правен субјект, ама во исто време пушти и други налози, ние се јавуваме и прашуваме што му е приоритет. Еве за конкретниот период за којшто прашувате приоритет бил Фондот за здравство, така што апсолутно мислам дека ова прашање не треба да ми го поставувате на мене туку директно на директорот на ПИОМ“, рече Димитриеска-Кочоска на 25 јуни.

    Гувернерот на Народната банка Трајко Славески, минатата недела на својот профил на Икс сподели негово интервју од 2024, во кое вели дека пензиите на 70 до 80 отсто од осигурениците во вториот пензиски столб би можеле да бидат пресметани под законски утврдениот минимален износ. Според него, голем дел од идните пензионери нема да акумулираат доволно средства за нивната пензија од првиот и вториот столб да го достигне минималниот законски износ. Тој во тоа интервју проценува дека државата повторно ќе мора да интервенира и да префрла осигуреници во првиот пензиски столб или преку Фондот на ПИОМ да ја надоместува разликата до минималната пензија.

    „Во 2019 година, кога дојде време да се пензионираат оние што доброволно се вклучија во пензиски столб, родени пред 1967 година, ги имаше 16.500 пензионери, како и земјоделци и лица со бенефициран стаж, се виде дека пензиите ќе им бидат мали и Владата нечујно, тивко, ги префрли во ПИОМ. Некаде околу 40 милиони евра беа префрлени. Моја процена е дека тоа ќе биде и во иднина“, рече Славески во интервјуто во 2024.

    Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во Собранието во септември 2024 беа усвоени законски измени за линеарно зголемување на пензиите кое изнесуваше 5.000 денари за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата. Од 1 септември 2024 имаше зголемување на сите пензии за 2.500 денари, а од 1 март 2025 дополнително линеарно зголемување од уште 2.500 денари. Потоа, во 2025 беа донесени нови измени со кои беше предвидено ново линеарно зголемување: и тоа 1.000 денари од 1 октомври 2025 и по уште 1.000 денари од 1 март 2026 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира