19 МИЛИОНИ ЕВРА ОД УПЛАТИТЕ ЗА ПЕНЗИИ СЕ КРАДЕЛЕ ВО ВРЕМЕ НА МИНИСТРИТЕ СПИРO РИСТОВСКИ, ДИМЕ СПАСОВ И ДИРЕКТОРИТЕ НА ДУИ

    19 МИЛИОНИ ЕВРА ОД УПЛАТИТЕ ЗА ПЕНЗИИ СЕ КРАДЕЛЕ ВО ВРЕМЕ НА МИНИСТРИТЕ СПИРO РИСТОВСКИ, ДИМЕ СПАСОВ И ДИРЕКТОРИТЕ НА ДУИСите документи кои биле дел од анализата денеска ќе бидат предадени на Основното јавно обвинителство на понатамошна истрага за да се утврди зошто во тој даден период одредени финансиски средства не биле распоредувани и каде тие завршувале. - Поранешните министри за труд и социјала Спиро Ристовски и Диме Спасов и директорот на ПИОМ Шаип Зенељи

    Деветнаесет милиони евра ќе треба државата да им врати на над 12.000 осигуреници, чии пари за пензиско осигурување во изминатите 10 години не им биле уплаќани во вториот пензиски столб, кој е задолжителен и во кој осигурениците имаат индивидуални сметки кај приватните пензиски друштва. Парите на осигурениците останувале во првиот државен столб, од кој се финансира исплатата на пензии за сегашните пензионери.

    Како што вчера соопшти министерката за труд и социјала Мила Царовска, освен за парите што не биле префрлани во приватните пензиски фондови, државата ќе треба да ги обесштети осигурениците и за приходите што би ги оствариле од инвестирање на средствата.

    „Она што го откривме е дека за околу 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб, односно за нив воопшто не се распределувале средства во приватниот втор столб, иако ги исполнувале законските услови за ова. На овој начин директно им се скратува правото на овие луѓе да остварат пензија во целост. На пример, за осигуреник со просечна плата во период од 2007 до 2018 година вкупно остануваат нераспределени околу 295 илјади денари придонес во вториот пензиски столб. Односно, изгубени се околу 95 илјади денари добивка од инвестирање на индивидуална сметка со што ние ќе ги обесштетиме со околу 400 илјади денари по корисник“, рече Царовска.

    Во периодот што го спомена министерката, директори на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) беа кадри на ДУИ: Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи, додека министри за труд и социјална политика, под чија надлежност е ПИОМ беа Џељаљ Бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов.

    Царовска најави дека сите документи кои биле дел од анализата денеска ќе бидат предадени на Основното јавно обвинителство на понатамошна истрага за да се утврди зошто во тој даден период одредени финансиски средства не биле распоредувани и каде тие завршувале.

    „Скопското јавно обвинителство за случувањата во ПИОМ се информираше од медиумите. Очекуваме Министерството за труд и социјална политика да достави релевантна документација, како што најави, за да ги провериме по службена должност тие наоди“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК јавниот обвинител на Скопје Сашо Рајчев.

    За 10 години, во Фондот за пензиско е направена дупка од речиси 500 милиони евра како последица на, како што велат од министерството, погрешни политики на претходната Влада и ад хок покачувања на пензии надвор од законската рамка, која предвидува усогласување на пензиите со трошоците за живот двапати годишно. Дупката од 500 милиони евра се покрива со средства од буџетот.

    За време на владеењето на поранешниот премиер, сега азилант во Унгарија, Никола Груевски, неколку пати линеарно беа зголемувани пензиите, последен пат пред парламентарните избори во декември 2016 година, кога пензиите беа покачени за 670 денари, откако претходно во мирување беше ставено редовното усогласување на пензиите со трошоците на живот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира