КОНТРОЛОРИТЕ НА ПЕНЗИСКИТЕ ДРУШТВА ДОСЕГА МОЛЧЕА, ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СОРАБОТУВААТ СО НАДЛЕЖНИТЕ ЗА УКРАДЕНИТЕ ПАРИ ОД ПЕНЗИСКИТЕ ФОНДОВИ

    КОНТРОЛОРИТЕ НА ПЕНЗИСКИТЕ ДРУШТВА ДОСЕГА МОЛЧЕА, ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СОРАБОТУВААТ СО НАДЛЕЖНИТЕ ЗА УКРАДЕНИТЕ ПАРИ ОД ПЕНЗИСКИТЕ ФОНДОВИМинистерството за труд и социјална политика денес соопшти дека поднесуваат кривична пријава против непознат сторител за неправилностите со придонесите во приватните пензиски друштва. - Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска (Фото: Влада)

    Регулаторното тело на пензиските друштва и фондoви Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) денес се огласи со соопштение дека ќе соработува со надлежните институции по обелоденување на скандалот со неуплатени придонеси во приватните пензиски друштва за 12.000 пензионери.

    Контролорите на работата на пензиските друштва и фондови досега ниту еднаш во јавноста не посочија дека имало проблем со уплата на средствата за идните пензионери, кои вчера на прес конференција ги обелодени министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која рече дека Владата ќе ја исправи оваа неправда и дека од буџетот на Република Македонија се одвоени 19 милиони евра за обештетување на овие граѓани.  Таа кажа дека во периодот од 2007 до 2018 година за овие вработени иако биле плаќани придонесите место во вториот пензиски столб кај пензиските друштва биле уплаќани и останувале во првиот столб, односно во ПИОМ.

    Министерството денес соопшти дека поднесуваат кривична пријава за непознат сторител до Основното јавно обвинителство за да ги истражи неправилностите кои Министерството за труд и социјална политика заедно со Меѓународни финансиски институции ги откриеле.

    „За овие осигуреници воопшто не се распределувале средства во приватниот втор столб, иако осигурениците ги исполнувале условите. На овој начин директно им било скратено правото за остварување повисока пензија на овие 12. 000 идни пензионери. Така, еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во период од 2007 до 2018 година. Министерството на приватните пензиски друштва ќе им биде исплатена сума од 19 милиони евра обезбедени од Буџетот. Овие средства ќе бидат распределени на оштетените осигуреници, односно на секој по околу 400.000 денари. Лошите и неодговорни политики на претходната власт доведоа до покачување на дефицитот на ПИОМ од 15 милијарди денари“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    По оваа информација од Министерството МАПАС соопшти дека потполно ја поддржува иницијативата на Министерството за труд и социјална политика и дека ќе соработува со надлежните институции за заштита на интересите на членовите на пензиските фондови.

    Од МАПАС велат дека како регулаторно тело и супервизор на пензиските друштва, пензиски фондови и чуварите на имот, ги штитат интересите на членовите на пензиските фондови по нивниот влез во вториот столб.

    „Фондот на ПИОМ времено ги распределува осигурениците во задолжителните пензиски фондови од денот на нивното пристапување во задолжително пензиско и инвалидско осигурување. Осигурениците имаат право да потпишат договор за членство во рок од три месеци од времената распределба, а по истекот на тој рок во секој случај стануваат членови на задолжителниот пензиски фонд во кој биле распределени. МАПАС спроведува активности поврзани со членството по добивање на информација за членовите во вториот столб“, велат од МАПАС.

    Од МАПАС велат дека ќе ги информира членовите за нивната распределба во соодветните пензиски фондови и за средствата кои ќе бидат пренесени на нивните индивидуални сметки, вклучувајќи и надоместок за ненавремена распределба.

    Во периодот кога не се префрлале пари во вториот столб, директори на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) беа кадри на ДУИ: Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи, додека министри за труд и социјална политика, под чија надлежност е ПИОМ беа Џељаљ Бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари