СОВЕТОТ НА ОПШТИНА СТРУГА Е НЕФУНКЦИОНАЛЕН, ТАЈНА КОАЛИЦИЈА ЗАД КОЈА СТОИ МЕРКО ГО ПОПРЕЧУВА ИЗБОРОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛ, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЌИРА

    СОВЕТОТ НА ОПШТИНА СТРУГА Е НЕФУНКЦИОНАЛЕН, ТАЈНА КОАЛИЦИЈА ЗАД КОЈА СТОИ МЕРКО ГО ПОПРЕЧУВА ИЗБОРОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛ, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЌИРААко опозицијата продолжи со блокадите, градоначалникот Менди Ќира најави нови избори за советници. (Фото: Општина Струга)

    Два месеци трае блокадата во Советот на Општина Струга оти не може да избере претседател, поради што Советот е нефункционален и нема кој формално да ги води седниците и да го координира донесувањето одлуки. Ако опозицијата продолжи со блокадит,е градоначалникот Менди Ќира најави нови избори за советници.

    „Доколку опозицијата продолжи со блокирање и методи кои го парализираат Советот, а кога ќе се исполнат законските услови, ќе се организираат предвремени избори за Советот на Општина Струга, за граѓаните да дадат заслужен одговор на ваквите политики. Заврши времето на блокадите и политиките од кои корист имаат само одредени поединци. Општина Струга ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните“, изјави Ќира.

    Тој обвини дека советниците од Национална алијанса за интеграција (НАИ) на чело со ДУИ, СДСМ и поранешниот градоначалник Рамиз Мерко формирале, како што рече, тајна коалиција со цел да се парализира работата на Општината и реализацијата на проектите.

    „Целта е да се блокира развојот на општината и благосостојбата на граѓаните. Со бојкотирањето на Советот, НАИ, СДСМ и Мерко покажаа дека не им се важни граѓаните и проектите, туку исклучиво личните интереси. Советниците на антиграѓанската коалиција не присуствуваа на седницата со цел да не се усвојат буџетските програми, кои вклучуваат значајни проекти за 2026 година во вредност од околу 5 милиони евра. Опозицијата продолжува со агонијата“, рече Ќира.

    Според советникот на ВМРО-ДПМНЕ Коста Хиохи, во ваква состојба не може ниту да се донесе одлука за усвојување на буџетот од кој дирекно зависи функционирањето на општината.

    „Моменталната ситуација на статус кво се должи на политичките игри на одредени советници кои по налог на нивните политички центри изнаоѓаат начин да ја блокираат работата на Советот преку необезбедувње кворум на седниците. Со тоа не само што го доведуваат во прашање носењето на клучни одлуки, како што е на пример усвојување на буџетот на Општината, туку и генерално усложнување на работата на истата. Ваквата ситуација може да доведе до целосно блокирање на Советот, што е дрско непочитувње на граѓаните на Струга. Секако, во една таква ситуација, излез од кризата би бил возможен само преку предвремени избори доколку дел од советниците продолжат да се однесуваат неодговорно, и спротивно на она што им го ветуваа на граѓаните во кампањта. Оние кои остануваме во советничките столчиња покажавме и докажавме голема зрелост и соработка без разлика на политичката провиненција. Се надеваме на разум и можност за меѓусебна соработка и со остнтите советнички групи и поединци и конечен почеток на работата на советот“, вели Хиохи.

    Новиот состав на Советот на Општина Струга брои 23 советници од кои осум од коалицијата НАИ предводена од ДУИ, шест од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од „Вреди“, тројца од независни листи и по еден советник од СДСМ и Левица.

    Според Законот за локална самоуправа, Советот на Општината може да се распушти по сопствена иницијатива ако за тоа се изјасни мнозинството од неговите членови, доколку повторно донесе одредба што претходно била укината или поништена од Уставниот суд, донесе одлуки со кои се загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката, не заседава повеќе од шест месеци или не го усвои буџетот и завршната сметка на буџетот до 31 март наредната година.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира