СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО НА ВОНРЕДНА СЕДНИЦА ПОКРЕНА ИНИЦИЈАТИВА ЗА СУСПЕНЗИЈА НА ДУП ЗА БЛОК 57, ОПОЗИЦИСКИТЕ СОВЕТНИЦИ СИ ЗАМИНАА

    СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО НА ВОНРЕДНА СЕДНИЦА ПОКРЕНА ИНИЦИЈАТИВА ЗА СУСПЕНЗИЈА НА ДУП ЗА БЛОК 57, ОПОЗИЦИСКИТЕ СОВЕТНИЦИ СИ ЗАМИНААСоветниците на ДУИ, СДСМ и ДПА не гласаа, туку се повлекоа на крајот од општинската сала (Фото: СДК.МК)

    Тетовските советници повеќе од еден час расправаа зошто на ден пред крајот на годината се свикува вонредна седница на која беше покрената иницијатива за суспензија на Урбанистичкиот план за урбаниот блок 57 и 57А. Донесувањето на овој план, кој беше изгласан од претходниот состав на Советот, го следеа многу контроверзи. И тогаш, а и сега се зборува дека зад неговото донесување стои сомнителен капитал, дека за ова се зборувало и во една од „бомбите“ на СДСМ и дека спорниот план бил одобрен од Министерството за транспорт и врски во рок од само пет дена. Поради ова, советниците од опозициските партии не учествуваа во гласањето, туку се повлекоа на крајот од општинската сала и застанаа на местата предвидени за граѓаните кои ја следат седницата.

    „Вчера беше свикана седница со предзнак вонредна. Во Законот за локална самоуправа и во Статутот на локалната самоуправа и деловникот за работа јасно се наведува во кои околности се свикува вонредна седница на Советот. Ние проценивме дека оваа седница не е од таков карактер и затоа баравме да биде одложена и за ова прашање да се одржи редовна седница, на која треба да ни ги достават сите потребни материјали и документи. Затоа не учествувавме во гласањето“, изјави Блерим Османи, советник од ДУИ.

    Заедно со советниците на ДУИ, се повлекоа и оние на СДСМ и ДПА. Иницијативата за суспензија на овој ДУП потекна од двајцата советници на движењето „Подобро за Тетово“.

    „Денеска ѝ се кажа стоп на една од најсомнителните коруптивни афери во Тетово. Овој урбанистички план се споменуваше и во таканаречените ‘бомби кои ги објавуваше СДСМ, каде се зборуваше дека се уплатени стотици илјади евра од страна на некој контроверзен бизнисмен од Црна Гора. Денеска е покрената иницијатива за негова суспензија. Сега треба Комисијата за урбанизам на Општина Тетово да подготви елаборат, а ние како советници ќе треба да го разгледаме и да утврдиме дали е запазена целосната процедура при неговото донесување. Ние не сме против целиот план и воопшто да не се гради таму, Тетово треба да се гради, но не на ваков начин. Ваков каков што е сега, овој урбанистички план е само за лични интереси и за интереси за одредени клански групации“, изјави Хамди Сулејмани од „Подобро за Тетово“

    Тој кажа дека според сегашниот урбанистички план, на овој простор од над 230.000 квадратни метри, на кој се наоѓа и пропаднатата фабрика „ШИК Јелак“, ќе се изградат огромен број згради, без паркинг простор и доволно зеленило и ќе се направел еден бетонски ѕид. На прашањето зошто иницијативата за суспензија се носи на вонредна седница, претседавачот на Советот, Бесар Дурмиши, рече дека тоа го барале граѓаните.

    „Оваа процедура требаше да почне што е можно побрзо бидејќи тој урбанистички план е донесен незаконски. Треба да се видат сите постапки како е донесен и дали ги исполнува сите услови“, рече Дурмиши.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира