Се одржа конститутивната седница на Советот на Општина Тетово, се верифицираа мандатите на Советниците, но претседател на Советот не беше избран. Не помогна ни црвениот тепих кој беше послан во големата сала на општината, ни присуството на речиси сите избрани Советници (само еден беше отсутен), изборот за претседател на Советот, на барање на Советничка од ДУИ, беше одложен за една од наредните седници со цел да се избере комисија за именувања и мандатни прашања која што треба да го предложи преседавачот на Советот.
Фактот дека оваа комисија сè уште не е избрана наведува на тоа дека во тетовскиот Совет сè уште нема партиско мнозинство. Градоначалничката Теута Арифи веднаш по прекинувањето на седницата изјави дека мнозинство е обезбедено, туку причината за одлагањето била во постапката за формирање на комисиите.
„Имаме мнозинство во Советот, но во однос на поделбата на комисиите не се завршени сите состаноци и консултации меѓу партиите. Откако ќе завршат сите консултации, оваа седница ќе се продолжи и брзо ќе има избор на претседавач на Советот“, изјави градоначалничката Арифи.
Арифи не сакаше да соопшти кои партии го сочинуваат мнозинството во Советот на Општина Тетово. Од СДСМ, кои се коалициониот партнер на ДУИ, исто така, велат дека имаат мнозинство во тетовскиот Совет.
„Ние ќе бидеме дел од мнозинството во Советот. Освен ние и ДУИ сметам дека во мнозинството ќе влезат и ДПА и претставникот од Демократската партија на Турците“, вели Живе Алексоски од советничката група на СДСМ.
„Како координатор на советничката група од ВМРО ДПМНЕ сè уште немам официјална информација дека е формирана коалиција освен она што можевме да го видиме на изборите кога коалицираа ДУИ и СДСМ. Но, сепак за мнозинство во овој Совет се потребни 16 советници“, изјави Александар Велјановски координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
Советот на Општина Тетово го сочинува 31 Советник од кои ДУИ има 9, БЕСА 6, ВМРО ДПМНЕ 5, Алијансата за Албанците 4, СДСМ и ДПА по 3 и Демократската партија на Турците 1 советничко место. Според бројот на освоени мандати оваа коалиција создадена од ДУИ, СДСМ, ДПА и партијата на Турците ќе биде на многу тенки нозе бидејќи ќе брои 16 членови што е само еден повеќе од потребното мнозинство. Наспроти ова БЕСА, Алијансата на Албанците и ВМРО ДПМНЕ имаат вкупно 15 советнички места па за власта во Советот на општина Тетово од пресудна важност ќе биде гласот на претставникот на Демократската партија на Турците, секако ако во меѓувреме не се направат некои нови коалиции.
З. АНДОНОВ