Советот за јавни набавки не му дава согласност на Министерството за труд и социјална политика да го продолжи договорот со старата фирма за подготовка на храна до избор на нова фирма, за да започнат со работа народните кујни во Куманово и Старо Нагоричане.
Веќе еден месец не работи народната кујна во Куманово и Старо Нагоричане, која обезбедуваше дневен оброк за 230 корисници од двете општини. Кујната беше затворена на 15 февруари оваа година, откако заврши договорот со фирмата која ja подготвуваше храната, а Центарот за социјални работи од Куманово не распишал навремено тендер ниту пак го продолжил стариот договор. Од таму се правдаа дека во вакуум простор се нашле поради политичката состојба во државата, смена на министрите Диме Спасов и Фросина Ременски и одржувањето на предвремените парламентарни избори, поради кои немале право да распишат нов тендер.
Од Министерството за труд и социјална, каде што сега министер е Ибрахим Ибрахими, политика велат дека сакаат што побрзо да го решат проблемот, но немаат разбирање од Советот за јавни набавки кој не им дозволува да ја продолжат соработката со старата фирма.
„Министерството за труд и социјална политика по трет пат достави допис до Советот за јавни набавки со барање да даде согласност за продолжување на договорот со фирмата која што досега ја подготвуваше храната сѐ до завршување на постапката за избор на нова фирма. За жал, досега Советот на два наврати го одби барањето на МТСП, но искрено се надеваме дека овој пат ќе имаат слух и ќе наидеме на разбирање и од нивна страна ќе добиеме согласност за продолжување на договорот со постoјната фирма и дека во најскоро време ќе се реши проблемот со народната кујна“, изјави Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Храна од народната кујна користат 200 лица од Куманово и 27 од Старо Нагоричане. Таа се делеше на две локации во градот, во просториите на месна заедница покрај Музичкото училиште и кај зеленото пазарче на булеварот Октомвриска револуција, а за корисниците на Старо Нагоричене во Ученичкиот дом во селото Драгоманце. Најголем дел од корисниците се од ромските населби Средорек и Бавчи. Во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Куманово регистрирани се 4.500 корисници на социјална помош.
И додека надлежните се натегаат, семејства со деца од најсиромашниот слој, бездомници, инвалиди, стари и болни лица веќе 30 дена се гладни и немаат што да јадат, препуштени сами да се снаоѓаат за парче леб. Од Социјалното им рекле дека нема храна додека не се формира влада, па тие ги обвинуваат политичарите дека им ја затвориле кујната и им го земале лебот затоа што се сити и аздисани, па не им е гајле за гладниот народ.
„Живееме со 1.300 денари социјална помош. Со тие пари не можам ни една вреќа брашно да купам, а не да стигне за друго. Седам тука и чистам чевли, ако земам некој денар ќе однесам на децата да каснат нешто, ако не собираме по контејнери. Додека работеше кујната беше добро, секој ден ни даваа леб, разни јадења со месо, чорба и конзерви за викенд. Сега многу ни фали, немаме што да јадеме, јавете таму побрзо да ја отворат“, вели еден од социјалците.
Храната за народната кујна се подготвуваше во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ до 15 февруари, кога им завршил осумгодишниот договор. Директорката Љубица Павловски вели дека во меѓувреме се договориле со Министерството за труд и социјална политика да ја продолжат соработката додека не се најде конечно решение на проблемот.
„Ми се јави лично министерот и ме праша дали ќе им излеземе во пресрет да продолжиме да приготвуваме храна за народна кујна додека да заврши тендерот. Ние се согласивме и веќе требаше да потпишеме анекс на договорот, но работата негде заглави. Чекаме на нив, инаку ние сме подготвени од утре да продолжиме со работата“, вели директорката Павловски.
Таа додава дека сѐ уште не е распишан новиот тендер, бидејќи ги следат огласите затоа што се заинтерсирани да конкуриираат, а до негова реализација ќе поминат најмалку 2 месеци.