Вчера доцна попладне, во Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) во Тетово е добиен повик дека седуммина чешки планинари залутале на Шар Планина, некаде во реонот на месноста Лешница и дека еден од нив е потешко повреден, со скршеница на раката. РЦУК веднаш организираше координирана акција за спасување на планинарите. Целта била тие да се најдат и спасат пред да падне ноќта. Во акцијата биле вклучени и противпожарната единица од Тетово, брзата помош и припадници на СВР Тетово.
Полицијата по првиот контакт со планинарите тргнала во пребарување на тешкиот и непристапен терен, а пожарникарите и брзата помош стигнале на најоддалечената точка на планината до која можеле да пристапат. Комуникацијата преку мобилен телефон дала плод и загубените планинари околу 20:30 часот биле пронајдени, а повредениот бил згрижен.
„Планинарите се пронајдени и извлечени од планината, а повредениот планинар со скршеници на раката е згрижен. За брзо спасување во теренски услови од пресудно значење се големато искуство на припадниците на СУК и на Противпожарната единица од Тетово и соработката со припадниците на СВР Тетово и сите други субјекти од СУК, кои дадоа свој придонес во справувањето со оваа кризна ситуација. Ваквите случки потсетуваат дека секоја прошетка во планина треба сериозно да се сфати. Но, и ако нешто несакано се случи, ние имаме сериозни капацитети за барање и спасување во планински услови во сите годишни времиња“, велат од РЦУК Тетово.
З. АНДОНОВ