Државава од неразбирливи причини повеќе од 20 години откако се воведе трезорскиот систем и обврската за секое ново вработување да се бара согласност од министерствата, и кога се работи за работни места кои се испразнети поради пензионирање или прекин на работниот однос, никогаш не овозможила проста репродукција на кадарот во високото образование, а да не зборуваме за проширување, рече д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола при денешното одбележување на патрониот празник.
„Главен проблем кој е основа на серија други е кадарот. На УКЛО од повеќе од 300 вработени академски кадар, само десетина се асистенти, доценти се помалку од 30, а најголемиот број се редовни професори кои го достигнале врвот на својата кариера. Најплодните научници секаде во светот се младите, докторанти, асистенти, доценти, улогата на искусните професири е да ги менторираат и насочуваат младите кадри, а не тие да бидат ударната сила на научните истражувања. Затоа ситуацијата е алармантна. 12 часот е одамна поминат“, рече ректорот.
Тој на свеченоста, на која присуствуваа проректорите, деканите на факултетите, претставници од државната и локалната власт, како и други гости, нагласи дека само со масовно вработување на научен подмладок може да се спаси моменталната ситуација која може да предизвика далекусежни негативни последици за македонското општество. Но, посочи дека важно е кога се работи за селекцијата на научниот подмладок да се дефинираат прецизни критериуми при вработување.
„Моментално нема јасни криетриуми освен просек 8. И мора да се работи на тоа. Да не се дозволува влез на неквалитетен кадар во високото образование. Мора да се дефинира прецизна метрика за вреднување на капацитетите на оние кои сакаат да станат дел од високото образование. Но, тоа треба да биде пропратено со подобар општествен статус и примања ако сакаме да имаме квалитетен наставно-научен кадар“, додаде Неделковски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА