СПЕЦИЈАЛЦИ  ОД  „ВОЛЦИ“ И ЕБР ВЕЖБАА СПАСУВАЊЕ ВО КЛИСУРАТА НА ВАРДАР КАЈ ДЕМИР КАПИЈА

    СПЕЦИЈАЛЦИ  ОД  „ВОЛЦИ“ И ЕБР ВЕЖБАА СПАСУВАЊЕ ВО КЛИСУРАТА НА ВАРДАР КАЈ ДЕМИР КАПИЈАВо вежбата беше вклучен и хеликоптер на МВР. (Фото: СДК.МК)

    Во клисурата на Вардар, кај Демир Капија се спасуваа повредени лица. Акцијата ја реализираа специјалните единици и на АРМ и на МВР. Во неа учествуваа   единицата за брзо распоредување (ЕБР)  на МВР и баталјонот за специјални сили „Волци“  на армијата. Ова беше методско огледна алпинистичка вежба, пребарување, спасување и евакуација на повредени, во тешко пристапниот дел на клисурата  Демир Капија. На стрмните и скоро вертикални карпи, надвиснати над реката Вардар, учесниците ја покажаа нивната подготвеност.  

    „Овие специјални единици треба секој еден во државата да ги почитува, бидејќи секогаш каде и да се случи несреќа или што и да се случува во рамки на безбедноста на државата, секогаш се први дејствуваат. Нивната работа е навистина тешка. Ќе вложуваме максимално колку што може во нашите буџети, бидејќи никогаш не треба да се штеди за овие вежби за овие специјални единици, бидејќи се навистина гордост на Македонија“ рече  Владо Мисајловски министер за одбрана.  

    Во вежбата беше вклучен и хеликоптер на МВР, кој и покрај силниот ветер во клисурата, успеа да ги донесе спасителите, а потоа и да го однесе повредениот за да му се пружи здравствена заштита. Алпинистичката вежба траеше 40 минути и на моменти го одземаше здивот од храброста и смелоста  на учесниците. 

    „Овие луѓе што денеска ги видовте се душата на Македонија. Ваквата заедничка вежба е редовна практика, ќе ги има и во иднина. Ги зајакнуваме сите капацитети кои се потребни од аспект на физичка спремност и тактичка подготвеност и тоа е специјално делување на нашите најелитни единици и во иднина ќе продолжиме со зголемен број на такви активности“, кажа Панче  Тошковски, министер на МВР.

     П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира