На местото на некогашниот споменик на Андон Лазов Јанев-Ќосето пред Судска палата од денеска има дрво. Како што беше најавено од Град Скопје по отстранувањето на споменикот, на тоа место беше засадено дрво од видот гинко, а на церемонијата присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, државниот министер за Европа во германското МНР Михаел Рот, претседателката на Градскиот совет на партијата СПД во Нирнберг, Ања Прелс-Камерер, амбасадорот на Германија Томас Герберих, како и претставници од збратимениот град Нирнберг.
„На оваа локација, на која што пред нешто повеќе од два месеци беше отстранета дивоградбата на која беше поставен споменикот на Ќосето, денеска е засадено дрвото на човекови права. Поставувањето на споменикот пред зградата на судот беше сфатено како порака за партиска послушност на судиите на тогашната власт. Отстранувањето на споменикот и засадувањето на дрвото на негово место е симбол на почитување на законитоста, правдата и правичноста“, кажа Шилегов на прес-конференцијата пред Судска палата.
Покрај дрвото ќе биде поставена плоча, донација од Нирнберг.
„Гинко е симбол на правата на човекот. Токму затоа, покрај него ќе биде поставена изгравирана плоча, која ќе потсетува дека секој граѓанин има право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд“, додаде Шилегов.