СРЕДЕ ПАНДЕМИЈА, ВО НОВИОТ СОВЕТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ВО ВЕЛЕС НЕМА ИНФЕКТОЛОГ НИТУ ЛЕКАР ОД БОЛНИЦАТА

    СРЕДЕ ПАНДЕМИЈА, ВО НОВИОТ СОВЕТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ВО ВЕЛЕС НЕМА ИНФЕКТОЛОГ НИТУ ЛЕКАР ОД БОЛНИЦАТАВо Советот нема место за ниту еден од тројцата инфектолози кои се работат во Инфективното одделение од Велешката болница. (Фото: СДК.МК)

    Новоформираниот Советот за јавно здравје од Велес е без доктор од Општата болница, најголемата здравствена институција во општината, а во услови на пандемија на ковид-19 нема ниту еден инфектолог. Овој совет е помошно тело на Советот на Општината.

    Општинските советници изгласаа двајца членови од Здравствен дом, општ лекар од Итната помош и специјалист за трудова медицина, двајца од Центарот за јавно здравје – специјалист по хигиена и епидемиолог, како и еден претставник од матичните доктори од градот. Претседателката на комисијата за мандатни прашање и координатор на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Советот Елизабета Митревска-Анѓелеска, вели дека без оглед на изборот, секој доктор и социјален работник може да работи и да помага во ова тело.

    „Предлог имавме за еден доктор-специјалист од Центарот за јавно здравје, а останатите четири беа предлози од советници. Тие треба да бидат еминентни личности во делот на здравството. Не е задолжително да бидат сите членови доктори, можат и социјални работници. Оваа работа е волонтерска и не се прима надомест. Немаше критериуми дека мора да има доктор од оваа институција или онаа. Сите можат да партиципираат како надворешни членови и имаат отворена покана“, кажа Митревска-Анѓелеска.

    За јавноста во градот е несфатливо како во време на пандемија на коронавирусот, нема место за ниту еден од тројцата инфектолози кои се работат во Инфективното одделение од Велешката болница. Иако таков предлог имало, за прим. д-р Славица Трајкова, не е поддржан од мнозинството во Советот сочинето од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Левица.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира