СРЕДЕ ЗИМА ГОРАТ ДВА ПОЖАРА НА ШАР ПЛАНИНА, СО ХЕЛИКОПТЕР СЕ ГАСНЕШЕ ОГНОТ НА ПЛАНИНАТА ЖЕДЕН

    СРЕДЕ ЗИМА ГОРАТ ДВА ПОЖАРА НА ШАР ПЛАНИНА, СО ХЕЛИКОПТЕР СЕ ГАСНЕШЕ ОГНОТ НА ПЛАНИНАТА ЖЕДЕНВо гаснењето се вклучени вработените од паркот (Фото: НП Шар Планина)

    Во регионот на Националниот парк Шар Планина активни се два пожара, од кои тој меѓу селата Бозовце и Вешала е од поголем размер. Во гаснењето се вклучени вработените од паркот.

    „ЦУК Тетово известува дека во девет часот е добиена информација дека пожарот кај с. Вешала во Општина Тетово се намалил во текот на ноќта. Екипа од Националниот парк Шар Планина се наоѓа на самото место и врши обиколка на опожарената површина и контрола на теренот за да спречи евентуално повторно самозапалување на огнот. Зафатена била поголема површина обрасната со сува трева, папрат, смрека и ситни грмушки“, соопштуваат од ЦУК.

    Од НП Шар Планина апелираат до граѓаните да не се палат огнови на отворен простор и да не се фрлаат стаклени шишиња што може да предизвика палење на сувата трева.

    „Во следните седум дена апелираме до сите граѓани на зголемена будност и мобилност поради неповолните временски услови. Со цел да се спречат несакани последици, потсетуваме дека на територијата на Националниот парк Шар Планина е забрането да се пали оган на отворен простор, да се фрлаат пластични и стаклени шишиња и догорчиња од цигари“, велат од НП Шар Планина.

    Од другата страна на Долни Полог, голем пожар вчера избувна на планината Жеден. Според информациите добиени од ЦУК, во гаснењето на овој пожар е вклучен и полициски хеликоптер. На овој тешко пристапен терен гори само трева и нема опасност по населени места и други објекти.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира