СРЕДНИТЕ СТРУЧНИ УЧИЛИШТА ВО ШТИП ЌЕ ФОРМИРААТ СВОИ КОМПАНИИ ЗА УЧЕНИЧКА ПРАКСА

    СРЕДНИТЕ СТРУЧНИ УЧИЛИШТА ВО ШТИП ЌЕ ФОРМИРААТ СВОИ КОМПАНИИ ЗА УЧЕНИЧКА ПРАКСАЕлектро-машинскиот училишен центар „Коле Нехтенин“ во Штип од минатата година функционира како Државен регионален училишен центар. (Фото: СДК.МК)

    Средните стручни училишта во Штип сè поинтензивно го прифаќаат концептот на дуално образование, прилагодувајќи се на современите образовни трендови и потребите на пазарот на трудот. Учењето преку пракса во соработка со бизнис секторот добива на значење, а во изминатите години училиштата редовно склучуваат и реализираат меморандуми за соработка со компании од регионот. Електро-машинскиот училишен центар „Коле Нехтенин“ во Штип од минатата година функционира како Државен регионален училишен центар, a директорката Јованка Шалева вели дека од оваа година е започната постапка за формирање реална училишна компанија.

    „Ова е само како почетна идеја. Реалната училишна компанија треба да биде посебен правен субјект кој ќе биде поддржан од бизнис заедницата. Ние и досега имавме одлична соработка, посебно со компаниите од ТИР зоните кај Штип, но учениците ќе имаат можност практичната настава да ја развиваат и во училишната компанија. Ваквата компанија ќе биде вклучена во пазарот на трудот, ќе биде тесно поврзана со бизнис секторот, ќе работи за нив и ќе остварува приход“, вели Шалева.

    Центарот располага со три струки и 11 образовни профили. Најголем интерес има за информатичкиот смер во рамки на електротехничката струка, која има четири паралелки со 127 ученици. Машинската струка брои три паралелки со 93 ученици, додека угостителско-туристичката струка има една паралелка со 34 ученици.

    Според Шалева, новиот Закон за високо образование дополнително ќе ја зголеми атрактивноста на струките, бидејќи овозможува продолжување на образованието преку студиски програми што ќе бидат надградба на средното дуално образование. Законот предвидува втор и трет циклус на стручни студии, како и кратки студии за специјализација, што отвора нови можности за идните студенти.

    Сличен став имаат и во Средното општинско училиште „Димитар Мирасчиев“ во Штип. Директорката Марина Варадиновска вели дека новиот дуален концепт им нуди двојна можност на учениците – директно вклучување на пазарот на трудот или продолжување на образованието.

    „Мислам дека новите концепти и проекти за дуално образование ќе наидат на брза практична реализација затоа што нашето текстилно училиште е меѓу првите кое воведе дуално образование и веќе ја образува четвртата генерација ученици по дуален принцип. Имаме постојана дуална паралелка за техничари за изработка на облека која е најбараната од бизнис секторот и истата е поддржана од Министерството за образование и наука, кое на повеќе ученици доделува стипендии во износ од 3.500 денари. Според потребите на бизнис компаниите со кои имаме склучено меморандуми успешно ја реализираме соработката и за образование на конкурентски кадри по концептот за реформирано образование како што се техничките кадри за моделирање на облека и за дизајн на облека“, вели Варадиновска.

    Таа додава дека училиштето е значаен образовен центар и главен извор на стручни кадри за текстилните компании во Штип и регионот, овозможувајќи им на учениците побрзо вработување. Завршените матуранти имаат можност да се запишат на студиски програми од сродните области или, ако полагаат државна матура, да изберат кој било факултет.

    Практична настава спроведуваат и учениците од здравствената струка, медицински сестри, акушерки, физиотерапевти и стоматолози. Тие традиционално ја реализираат праксата во Клиничкиот центар во Штип, а во последните години интерес за соработка пројавуваат и приватни здравствени установи од регионот.

    Темата за унапредување на средното и високото стручно образование беше отворена и на последната трибина организирана од локалната самоуправа во Штип. Академска расправа за новиот Закон за високо образование се одржа и на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, каде претставници од средното и високото образование и од Министерството за образование и наука предложија и прифатија повеќе измени на законското решение.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира