СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ВЕЛЕС СОЗДАВААТ КАДРИ ОД КОИ ПАЗАРОТ НЕМА ПОТРЕБА, ВЕЛИ ЛОКАЛНИОТ ЕКОНОМСКИ СОВЕТ

    СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ВЕЛЕС СОЗДАВААТ КАДРИ ОД КОИ ПАЗАРОТ НЕМА ПОТРЕБА, ВЕЛИ ЛОКАЛНИОТ ЕКОНОМСКИ СОВЕТГрадоначалникот Аце Коцевски смета дека со уписната политика во средните училишта само се поттикнува иселувањето на младите (Фото: СДК.МК)

    Дел од средните училишта во Велес и натаму нудат уписна политика која не соодветствува на потребите на пазарот. Ова беше истакнато на седницата на локалниот економски совет за запишување ученици во прва година во општинските средни училишта за учебната 2020/21 година. Градоначалникот Аце Коцевски констатираше дека состојбата е идентична како и лани: многу слободни места, а малку ученици.

    „Дел од директорите се водат од мислата да има што повеќе запишани ученици за да имаат што повеќе паралелки. Така ќе има повеќе часови за наставниците и ќе немаат технолошки вишок. Притоа не водат грижа колкави се потребите на бизнис заедницата. Таков е примерот со Економското училиште, кое и годинава побарува пет паралелки со 170 ученици, а лани едвај се запишаа 60. Бројките на невработени во Велешко покажуваат дека 213 лица се економски техничари, а 44 продавачи, а се предлага наесен да се запишат 68 ученици за економски техничар и 34 за продавач. Со ова создаваме кадри за кои бизнис заедницата нема потреба и така го поттикнуваме иселувањето на младите“, кажа Коцевски.

    Тој додаде дека во ова училиште имало класови со по 10 ученици, што образовниот процес го правел прилично скап.

    Генералниот директор на „Жито маркети“ Ване Ѓошевски кажа дека за следните десетина години нив ќе им требаат не повеќе од две паралелки за продавачи и дека пет месарници им се затворени оти нема месари. Претставникот на Кожарата кажа дека мора да вршат обука на работници за да можат да вработуваат, оти таква струка во Велес немало досега.

    Директорката на средното Економско училиште Оливера Коцевска ги изложи нејзините аргументи зошто и годинава запишуваат ист број на ученици.

    „Лани имавме зголемување на бројката на ученици откако Министерството за образование го намали минималниот број поени потребни за упис. Тенденцијата на намалувањето на бројот на ученици е на ниво на целата држава, не само кај нас. Од струките кои ги предвидовме за годинава дел се нови и атрактивни и очекувам зголемен интерес“, рече Коцевска.

    Градоначалникот Коцевски ја отвори дилемата и за медицинските паралелки во Хемиското училиште. Тој го презентираше ставот на стручни лица, кои реагирале дека со медицинските паралелки се образува кадар кој потоа веднаш заминува за странство.

    „Точно е дека се иселуваат ученици од здравствени профили, но се иселуваат и од други профили. По завршувањето на четврта година вонредно се запишува здравствена струка, дополагаат испити и си заминуваат со звање медицинска сестра, физиотерапевт, фармацевт. Во нашето училиште на неколку години имаме ротација на профили за да не создаваме хиперпродукција на пазарот“, изјави Маја Хеско, директорката на Хемиското училиште.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира