СРЕДНОШКОЛЦИ ОД РЕСЕН ПРАВАТ КОМПОСТ И ГО АНАЛИЗИРААТ КВАЛИТЕТОТ НА ВОДАТА НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

    СРЕДНОШКОЛЦИ ОД РЕСЕН ПРАВАТ КОМПОСТ И ГО АНАЛИЗИРААТ КВАЛИТЕТОТ НА ВОДАТА НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРОКомпостот што го прават учениците ќе се употреби за партерно и хортикултурно уредување на паркот во мониторинг станицата и дворот на нивното училиште (Фото: СДК.МК)

    Младите од Ресен се недоволно информирани за мониторинг станицата во Преспа која врши анализи за водостојот на езерото и квалитетот на водата, покажа истражувањето што го спроведе здружението за заштита на животната средина „Еко герила“ од Преспа. Токму ова е темата на која екологистите се фокусираа во проектот „Вклучување на средношколците од Преспа во практичен еко активизам“, во кој се вклучени и Институтот за комуникациски студии и Македонското еколошко друштво, а е финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права. Проектот има за цел да ги вклучи учениците од СОУ „Цар Самоил“ во практични активности во корелација со нивната наставна програма од областа на животна средина.

    Земјоделските насоки произведуваат компост, кој подоцна ќе се употреби за партерно и хортикултурно уредување на паркот во мониторинг станицата и дворот на училиштето. Втора целна група се природните насоки, кои изведуваат практична настава по предметите биологија и хемија во самата мониторинг станица во село Стење, каде што учениците се запознаваат со работата на самата станица и со биолошката и хемиската анализа на примероци од водата од Преспанското Езеро“, вели Марија Евтимовска од „Еко герила“.

    Со иницијативата се прави спој на невладин сектор, средното училиште и Секторот за заштита на животната средина при Општина Ресен.

    „Досега одржавме три обуки, од кои две поврзани со темата компост. Средношколците имаа можност да научат што е компост, која е неговата примена, каква механизација е потребна за производството. Тие имаа можност и практично да почнат да компостираат, да просејуваат компост и да го употребат за засадување на одредени видови“, рече Евтимовска.

    Имаа и обука за запознавање со Преспа како заштитено подрачје со едукативна екскурзија во Паркот на природата, од месноста Асамати до браната во Езерани.

    Се одржаа и средби во мониторинг станицата во Стење, каде што учениците се подготвуваат да земаат примероци од сливните подрачја и да учествуваат во нивна биолошка и хемиска анализа. Досега се запознаваа со инструментите за работа, а во наредниот период ќе почнат и теренските обуки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира