СРЕЌНИ СМЕ СО СЕКОЈ ИЗЛЕКУВАН ОД КОВИД-19, ВЕЛИ ЕЛИ ДИМИТРОВСКА, ИНФЕКТОЛОГ ОД БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА

    СРЕЌНИ СМЕ СО СЕКОЈ ИЗЛЕКУВАН ОД КОВИД-19, ВЕЛИ ЕЛИ ДИМИТРОВСКА, ИНФЕКТОЛОГ ОД БИТОЛСКАТА БОЛНИЦААпелирам до младите доктори да ја прифаќаат инфектологијата. Таа носи големи предизвици, а уште поголемо е задоволството кога пациентите ќе се излекуваат“, Ели Димитровска,специјалист инфектолопг од Битолската болница (Фото: СДК.МК)

    Облечени во скафандери и друга заштитна опрема остануваме со часови, но задоволството е огромно кога пациентот ќе се излекува, вели примариус д-р Ели Димитровска, инфектолог во Службата за инфективни болести при Клиничката болница во Битола. Таа заедно со уште тројца инфектолози и друг медицински персонал е на прва борбена линија со коронавирусот во КОВИД одделот во болницата. Цели 37 години работен стаж Димитровска минала лекувајќи пациенти од различни заразни болести, но КОВИД-19 со кој се соочи при крајот на работниот век вели дека ѝ е најголем предизвик за да се победи.

    „Работиме со болест која е недоволно објасната, недоволно позната. Секојдневно се соочуваме со пациенети коишто се КОВИД позитивни, инфицирани со многу моќен вирус, многу патоген и непредвидлив. Бројот на пациенти во КОВИД одделот се движи по праволиниска линија. Во текот на вториот бран имавме поголем прилив на пациенти од Охрид и Струга, но ситуацијата е под контрола. Лекуваме средно тешки пациенеи со воспалителен процес на бели дробови, некои се ставени на кислородна поддршка, ги следиме 24 часа“, вели Димитровска.

    Работела во тимовите за сузбивање на бруцелоза, тифус, паратифус, заразна жолтица, хепатит А. Лекувала млади пациенти кои не биле вакцинирани, па заболеле од голема кашлица и други болести. Вели дека порано доминирале бактериските заразни болести, а во последно време вирусните.

    „Сѐ уште нашиот бел мантил е нашиор заштитен костум, меѓутоа како што налага ситуацијата, така се менуваат и нашите навики и нашата униформа. Скафандери сме користеле и пред десетина години кога имаше светска епидемија на свински грип Х1Н1. Тогаш имавме неколку случаи од Битола кои беа позитивни. Некои ги третиравме на нашето одделение , па и тогаш облекувавме скафандери. Скафандерот не ни е нешто непознато, но сега стана наше секојдневие. Ги носиме со часови, како и друга заштитна опрема, маски, повеќе пара ракавици, визири, заштитни очила, со цел самозаштита и заштита на пациентите“, вели докторката.

    Бројот на позитивни пациенти кои се лекуваат во болницата во Битола е променлив и се движи околу десетина. Меѓу нив нема во моментов нема битолчани. Двајцата заразени од Битола се на домашно лекување.

    Докторката апелира до младите доктори да специијализираат инфектологија зашто вакви експерти во се неопходни за соочување со заразите.

    „Во последните години некако интересот за инфектологијата се намали од страна на младите колеги. Веројатно младите доктори се позаинтересирани за поатрактивните медицински специјалности, а јас како еден од најстарите инфектолози тука во регионот сакам да кажам дека таа е хумана специјалност која е мултидициплинарна, ги опфаќа сите човечки органи, сите полови и возрасти. Би апелирала до младите доктори да ја прифаќаат инфектологијата. Таа носи големи предизвици, а уште поголемо е задоволството кога пациентите ќе се излекуваат“, вели Димитровска.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира