Српскиот актер Микица Петронијевиќ (52) ќе помине повеќе од 800 километри во хуманитарна мисија, за да го сврти вниманието на јавноста за положбата и статусот на лицата со аутизмот во регионот. Тој на 27 септември тргнал пешки од неговиот роден град Аранѓеловац во Србија и преку Македонија и Грција, планира на 31 октомври на празникот Св. Лука да стигне во манастирот Хиландар на Света Гора.
Петронијевиќ, кој и самиот е родител на момче со аутизам, веќе една недела е по патиштата во земјава и секојдневно се среќава со луѓе, на кои им го раскажува сопственото искуство и проблемите со кои се соочуваат децата и возрасните лица, сакајќи на овој начин да ја подигне јавната свест за оваа категорија на граѓани.
Тој вели дека неговата мисија за правата на лицата со аутизам ја интензивирал пред две години, откако имотот на неговите предци во селото Венчани го отстапил на здружението „Светилки во мрак“ за отворање на центар за престој на овие лица. Досега низ центарот, кој засега располага со скромни сместувачки капацитети, поминале повеќе од 1.000 деца и родители низа различни организирани форми на кампови, работилници и дружење. Неговата идеја е да прерасне во регионален, па деца и возрасни од соседните земји да имаат катче за престој и дружење во текот на целата година.
„Статусот на лицата со аутизам, мислим дека е ист во сите земји на поранешна Југославија, не е ништо сменето, па затоа многу ни е важна заедничката соработка. Се јавуваат родители од Македонија кои ме прашуваат дали можат на лето да дојдат со децата на кампот. Секако дека можат, тоа многу ме радува. Ние веќе соработуваме со слични центри од Црна Гора, ни доаѓаат пријатели од Сараево, така да ова е сериозна регионална приказна во која сакаме да ја вклучиме и Македонија. Исто како што постојат центри за децата кои немаат пореметувања во развојот, важно и нашите деца да ги имаат истите содржини. Намерата е децата од Македонија да дојдат во Шумадија и обратно, деца од Србија да ја посетат Македонија, да будат општествено ангажирани како останатите членови во заедницата. Се надевам дека ќе успееме да создадеме барем за нијанса похуман свет и подобри услови за живот на нашите деца, особено кога ние родителите повеќе нема да сме тука“, вели Петронијевиќ.
Овој храбар и упорен човек вели дека својата одлука да се формира центарот ја донел во време на здравствената криза, кога короната наметнала нови правила и многу ограничувања во секојдневниот живот, особено болни за лицата со пречки во развој. Поради потребите на синот Михајло тој одлучил да се пресели на имотот во селото, а откако видел дека тоа позитивно делува на него, одлучил вратите да ги отвори и за другите деца со слични проблеми кои немаат каде да излезат од дома. Задоволен од постигнатите резултити сега работи на проширување на просторните капацитети и воведување на нови содржини.
„Јас како родител и на никого не сум огорчен, само сакам луѓето и надлежните да ги препознаат потребите на лицата со аутизам и да тргнеме од мртва точка, да дадеме еден позитивен пример како може овој сериозен проблем да се реши. Секоја средина има напуштени селски домаќинства кои пропаѓаат, а можат да се пренаменат и да бидат прилагодени за овие деца, односно да се претворат во оази на надеж и љубов, како што е нашите простории, двор и овоштарник, каде што се добредојдени сите луѓе со добра волја. Јас се надевам дека наскоро ќе завршиме со инфраструктурата и ќе почнеме со сериозно регионално поврзување. Ги повикувам сличните македонски здруженија и да ни се јават заедно да работиме на размена на искуства и на проекти за решавање на дел од проблемите“.
Петронијевиќ се надева дека ќе ја исполни својата хуманитарна цел и ќе добие уште една битка за децата и останатите луѓе со аутизам во регионот.
За сите граѓани кои сакаат да помогнат во завршување на дневниот центар можат да се приклучат со донации на здружението „Светилки во мрак“( „Свици у мраку“) .
На пропатувањето низ Македонија, актерот пред една недела влезе на граничниот премин Прохор Пчински, а ние се сретнавме во Старо Нагоричане. Утре ќе продолжи за Грција, а бидејќи доби голем поддршка од македонските граѓани, јавно им се заблагодари.
„Ова е 26. ден како пешачам. Знам која ми е мисијата. Уште два дена ќе сум во оваа убава земја Македонија, а во вторник ќе влезам во Грција. Сакам да изразам благодарност посебно до македонскиот народ кој топло и срдачно ме прими. Се чувствувам и посрамено од нивното гостопримство. Благодарност и до пожарникарите во Старо Нагоричане, Штип, Радовиш, Струмица, Валандово. Ме примија како свој човек и јас тоа не можам да ги заборавам“, објави Петронијевиќ видео на социјалните мрежи.
С. НИКОЛИЌ