СТАРТУВАШЕ НОВИОТ ВОЗЕН РЕД НА МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ, НА ХАРТИЈА СООБРАЌААТ ДЕСЕТ ПАРА ПАТНИЧКИ ВОЗОВИ, А ВО ПРАКСА СЕДУМ ДО ЈУНИ ДОГОДИНА

    СТАРТУВАШЕ НОВИОТ ВОЗЕН РЕД НА МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ, НА ХАРТИЈА СООБРАЌААТ ДЕСЕТ ПАРА ПАТНИЧКИ ВОЗОВИ, А ВО ПРАКСА СЕДУМ ДО ЈУНИ ДОГОДИНАВо однос на досегашниот возен ред, речиси и да нема промени во времето на поаѓање. (Фото: СДК.МК)

    Од денеска, недела, 14 декември, стапи на сила новиот возен ред на Македонски железници (МЖ). Тој е со важност до 12 декември следната година. На хартија, по македонските пруги сообраќаат десет пара патнички возови: по три од Скопје за Битола и Велес, и по два за Куманово и Гевгелија. И понатаму не сообраќаат возовите од Скопје кон Кичево и Кочани, кои се укинати од мај 2021 година. Нема ниту меѓународни возови кон Грција, Србија и Косово. Во однос на досегашниот возен ред, речиси и да нема промени во времето на поаѓање.

    Во пракса, од овие десет патнички возови сообраќаат седум – кон Велес не возат двата локални воза, а кон Битола еден. Претходно, од Македонски железници соопштија дека од четвртокот, 11 декември, времено се укинуваат три патнички возови: два локални на релација Скопје-Велес и еден за Битола. Тие нема да сообраќаат до 10 јуни следната година. Причината за ваквата одлука е реконструкција на пругата на делницата Скопје-Зелениково. Во периодот од 9 часа (од 07:30 до 16:30 ч.), освен патничкиот, нема да се одвива ниту товарниот железнички сообраќај.

    МЖ се пофалија дека репарирале еден од т.н. „шпанци“ – моторни возови набавени во 1973 година. Овој период тој ќе служи за комерцијални цели, како локација за престој на Дедо Мраз и детски претстави со наплата на билети. Според неофицијалните информации, по реновирањето на пругата, оваа композиција треба да сообраќа како градски воз на релацијата Скопје-Зелениково и обратно.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира