СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА, НО УШТЕ ГОРИ ПОЖАРОТ ВО МАГАЦИН ЗА ХЕМИКАЛИИ ВО ФАЛИШЕ, ЖИТЕЛИТЕ ДА ОСТАНАТ ДОМА ОТИ ВОЗДУХОТ Е КРАЈНО ЗАГАДЕН

    СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА, НО УШТЕ ГОРИ ПОЖАРОТ ВО МАГАЦИН ЗА ХЕМИКАЛИИ ВО ФАЛИШЕ,  ЖИТЕЛИТЕ ДА ОСТАНАТ ДОМА ОТИ ВОЗДУХОТ Е КРАЈНО ЗАГАДЕНПротивпожарната единица на Општина Тетово очекува вечерва пожарот да биде целосно изгаснат (Фото: СДК.МК)

    После повеќечасовна борба со огнената стихија, големиот пожар кој изби во продавница и магацин за бои и хемиски материјали во тетовското село Фалише е ставен под контрола и наскоро се очекува целосно да биде изгаснат. Пожарот изби денеска околу 10.30 часот, а први на местото пристигнале пожарникарите од Тетово и претставници од Центарот за управување со кризи (ЦУК), но кога го виделе обемот на пожарот веднаш повикале помош од пожарникарите од Скопје, Гостивар и Куманово.

    „Денеска претпладне добивме повик за пожар во складиште за железарија и санитарии во близина на село Фалише. Од Територијалната против пожар единица од Тетово, веднаш излеговме со 3 против пожарни возила и со 10 пожарникари. По пристигнувањето на местото на настанот увидовме дека огнот ја зафатил целата површина од магацинот, па иако веднаш почнавме да го гаснеме огнот тоа беше невозможно бидејќи гореа многу запаливи материи. Поради тоа, од нашата станица повикавме уште 3 наши противпожарни возила и уште 15 пожарникари. Но, ни ова не беше доволно, па во координација со ЦУК на помош се повикани пожарникарите од Скопје, Гостивар и Куманово. Пожарот трае веќе неколку часа, при што објектот е целосно изгорен, но за среќа немаме жртви или повредени. Бидејќи поголемиот дел од пожарот веќе е изгаснат, ги ослободивме противпожарните екипи од Скопје, Гостивар и Куманово и сега пожарот го гаснат само нашите пожарникари. Според моите предвидувања, очекувам за два до три часа тој целосно да биде изгаснат“, изјави Авни Амети, командир на Противпожарната единица на Општина Тетово.

    Поради густиот и крајно штетен чад што излегува од опожарениот објект каде има околу 100 тони хемикалии, уште важи предупредувањето за жителите кои живеат во близина да ги затворат прозорците и без поголема потреба да не излегуваат од своите домови.

    „Наша препорака е без потреба да не се биде на ова место затоа што во моментов во воздухот имаме јаглен моноксид, јаглен диоксид, диоксини и други штетни материи. Исто така, во радиус од 2 километри на луѓето им се препорачува да бидат во своите домови и без потреба да не излегуваат надвор. Во наредниот период ќе се изврши испитување на водата и почвата за да се утврди дали има загадување“, изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје од Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира