Студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) во Тетово, во соработка со Универзитетот од Бирмингем во Обединетото Кралство, реализираа проект во кој преку фотографии покажаа колкава е загаденоста на воздухот во Тетово и во неколку други места во Македонија. Проектот се вика „Прикажување на загаденоста на воздухот“ и негова цел е преку визуелен приказ на загаденоста на воздухот да се подигне свеста кај населението за тоа во какви услови живееме и што може да направиме таа да се намали.

На изложбата беа преставени дваесетина фотографии од кои поголемиот дел беа од локации во Тетово, но имаше и од локации во Скопје, како и од други места во Македонија. (Фото: СДК.МК)
„Овие фотографии ги направија нашите студенти под менторство на лице од Универзитетот во Бирмингем. Мерењата на загаденоста на воздухот беа вршени на места каде најчесто се движат луѓето како плоштади, улици, градинки, кафулиња и други места. Студентите опремени со мобилни мерачи ја мереа загаденост на воздухот со ПМ10 и ПМ2,5 честички и од истите тие места беа направени фотографии. Потоа добиените резултати од мерењето со посебни алатки беа пренесени на фотографиите. Сите овие бели точки кои можат да се видат на фотографиите, а кои се вметнати со посебна апликација, го преставуваат степенот на загаденоста на воздухот на местото каде е направена фотографијата. Така може да се види дека на отворените простори има помалку вакви бели точки, додека во затворените простории, а посебно во кафулињата тие се во многу голем број што покажува дека тука загаденоста е енормно голема“, вели Беса Арифи, проректорка за истражување на УЈИЕ.
На изложбата беа преставени дваесетина фотографии од кои поголемиот дел беа од локации во Тетово, но имаше и од локации во Скопје, како и од други места во Македонија.
З. АНДОНОВ