СТОТИНА ВОЗИЛА ОДЗЕМЕНИ ОД ДРВОКРАДЦИ ЧЕКААТ ЈАВНО НАДДАВАЊЕ НА ПЛАЦОТ НА „НАЦИОНАЛНИ ШУМИ“ И НА ШТИПСКИОТ ЗАТВОР

    СТОТИНА ВОЗИЛА ОДЗЕМЕНИ ОД ДРВОКРАДЦИ ЧЕКААТ ЈАВНО НАДДАВАЊЕ НА ПЛАЦОТ НА „НАЦИОНАЛНИ ШУМИ“ И НА ШТИПСКИОТ ЗАТВОРПлацот на штипската подружница на „Национални шуми“ наместо со огревно дрво полн со одземени моторни возила. (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од 50 хаварисани моторни возила се складирани во кругот на ЈП „Национални шуми“, подружница во Штип. Вработените велат дека само се остапува просторот да се складираат конфискуваните возила на нивниот плац како владина одлука, а натамошната постапка е на Агенцијата за управување со одземен имот и предмети.

    Зградата и дворното место на штипското Шумско е веднаш до пешачката улица што води од Зоо паркот до излетничкото место Суитлак. Пешачката улица, позната и како Бриони, ја користат голем број излетници од Штип и од други градови кои секојдевно шетаат овде и минуваат покрај оваа депонија на стари и хаварисани моторни возила натрупани едни врз други.

    Шумската полиција минатата година само од подрачјето на Штип конфискувала стотина моторни возила со кои се пренесувала бесправната сеча и сосе огревното дрво биле запланети. Против дрвокрадците кои биле фатени поднесени се пријави, но поголем дел од нив бегале од местото на настанот. Затоа, како што велат шумарите, дрвокрадците за транспорт на дрва користеле стари, украдени или нерегистрирани возила без регистерски таблици. Само мал дел од дрвокрадците завршуваат на суд и добиваат од 3 до 12 месеци затвор.

    Плац за одземени моторни возила има и во близина на Штипскиот затвор, но и на слични локации речиси во сите градови во државата, а возилата во понатамошната постапка се обврска на Агенцијата за управување со одземен имот. Никој од Агенцијата деновиве не е достапен, но на нејзината веб страница може стои дека на 27 јануари ќе се одржи јавно наддавање за откуп на 307 патнички и товарни возила, моторцикли, запрежни коли и приколки, за што има распишано јавен оглас за електронско надавање со почетна цена за сите возила заедно од 11 денари за еден килограм старо железо, и дека заинтересираните треба да уплатат депозит од 300.000 денари.

    Според овие информации, Агенцијата за управување со одземен имот ги нема во план за наддавање запленетите возила складирани во Штип и повеќе други градови, туку само конфискуваните возила од претходнииот период што биле складирани во депото на Идризово, депото Миладиновци, во Касарната „Ѓорче Петров“, депото во Гевгелија, ЈП „Национални шуми“ Плачковица кај Радовиш и од плацевите на полициските станици во Струмица, Гостивар, Кочани, Делчево, Прилеп и Ресен.

    Од 11 до 14 јануари ќе трае увидот на возилата на овие локации, што значи дека останатите конфискувани возила што се наоѓаат во другите градови, меѓу кои и оние од штипското подрачје, ќе бидат ставени на некоја наредна аукциска постапка.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира