Граѓански активисти за почист воздух од Струмица со протест на плоштадот побараа преземање итни мерки за намалување на аерозагаденоста во општината која во изминативе години постојано е над дозволената граница. Протестот беше организиран преку социјалните мрежи, а струмичани од локалните власти побараа 24-часовна контрола на индустриските капацитети за кои сметаат дека во ноќните часови го согоруваат отпадниот материјал.
„Да се врши редовна и континуирана контрола на индустриските капацитети во попладневните и вечерните часови и да се прави записник со какви реагенси се работи во овие погони. Да се овозможи секојдневна контрола на постојната депонија кај селото Добрашинци, бидејќи таа многу често и со години наназад е во пламен и да се изнајде решение како да се стави крај на безмилосната сеча на дрвјата на планината Еленица и на ридовите над Струмица, кои се всушност нашите бели дробови“, рече Данче Стефановска-Апостолова.
Струмица во изминатиот период е постојано со високи концентрации на ПМ 10 честички. Во ноќните часови тие достигнуваат и пет пати повеќе од дозволеното.
„Јас живеам нај училиштето ‘Никола Вапцаров‘. После 17 часот навистина не се излегува надвор, па мораме да купуваме заштитни маски. Се плашам за нашите деца. Инспекциите мора да работат поагилно и да прават редовни контроли на капацитетите, а ние граѓаните да бидеме поодговорни“, рече Ристо Литајков од Струмица.
Градоначалникот на Струмица Коста Јаневски вчера информираше дека се реализираат дел од мерките од планот за почист воздух, при што спомена неколку локални јавни институции каде е извршена промена на грејните тела од нафта на гас. Тој посочи дека наскоро ќе се гасифицираат и болницата и полицијата, кои во моментов се греат на нафта и мазут.
В. ТРАЈКОВ