СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО МАРТ, НО СО ЛОКАЛНИ УЧЕСНИЦИ

    СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО МАРТ, НО СО ЛОКАЛНИ УЧЕСНИЦИПо две годни пауза поради ковид, карневалското дефиле ќе биде на петти март. (Фото: СДК.МК)

    Годинава ќе се одржи струмичкиот карневал, одлучи Организациониот одбор откако поради пандемијата со ковид-19 две години не се одржуваше оваа манифестација со илјадници посетители. Како што соопшти градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, карневалот ќе се одржи со локални учесници и без карневалски групи од странство, со почитување на заштитните мерки против коронавирус.

    Во земјава вчера беа регистрирани рекордни 2.341 заразени од ковид, од кои во 25 во Струмица, каде во моментов има 448 активни болни.

    Според Костадинов, одлуката за одржување на овааманифестација била по барање на карневалистите, бидејки неодржувањето на карневалското дефиле може да ги демотивира лицата кои изработуваат маски.

    „Одлучивме дека оваа вековна традиција не смее да има пауза од 3 години, бидејќи ќе ги демотивира карневалските групи во иднина да се пријавуваат и учествуваат на карневалот. Поради здравствената криза, планираме одржувањето на карневалот да биде со локален карактер, но и да повикаме по еден преставник од странските групи кои ќе бидат како гости“, кажа градоначалникот Костадинов и истакна дека мора да се негува традицијата со строго почитување на здравствените протоколи.

    Карневалските денови во Струмица, согласно најавите, ќе почнат на втори и ќе траат до деветти март, кога ќе бидат Тримерските празнувања. Карневалското дефиле се планира да биде на петти март, во сабота навчер. Останатите програмски содржини ќе се прецизираат. Во рамките на оваа манифестација ќе се реализира и фестивалот на афоризам и карикатура.

    Поради пандемијата со ковид 19, пред две години се оддржа само концертот под маски по што се донесе одлука да се стопираат сите други активности, додека лани се одржаа активности со кои скромно се одбележа празникот Тримери со кој е поврзан струмичкиот карневал.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира