СТРУМИЦА ДОБИ ЗЕЛЕНА ВЕРТИКАЛНА ГРАДИНА

    СТРУМИЦА ДОБИ ЗЕЛЕНА ВЕРТИКАЛНА ГРАДИНАВо железната платформа висока три, а широка четири метри се засадени стотина хризантеми, темјанушки, бршлен, ниско растечка туја, теди и украсна трева (Фото: СДК.МК)

    Членовите на еколошпкото друштво „Планетум“ од Струмица поставија вертикална зелена градина на плоштадот Гоце Делчев, која ја засадија со разновидни цвеќиња и зимзелени растенија. Станува збор за железна платформа висока три, а широка четири метри во која се засадени стотина хризантеми, темјанушки, бршлен, ниско растечка туја, теди и украсна трева. Од „Планетум“ велат дека целта е да се овозможи зголемување на изборот на зелена инфраструткура во градот.

    „Понудувајќи го овој концепт за општина Струмица, сакаме истиот да стане пример и за повеќе физички и правни лица кои ќе се мотивираат и самите да ги градат вертикалните зелени градини. Вертикалните зелени градини може да се вградат или постават на сите локации, посебно во урбаните средини каде хоризонталните простори веќе се испланирани и не дозволуваат нови стандардни зелени површини“, вели Ленче Јанакиева Цицимова од „Планетум“.

    Екологистите проектот го реализираа со поддршка од Општина Струмица, а во соработка со Комуналец, што ќе има за задача да се грижи за садниците во вертикалната градина, до која се поставени клупи за одмор а ноќе ќе биде осветлена. Екологистите од „Планетум“, со оваа градина упатуваат апел до архитектите да размислуваат за проектирање згради и објекти чии зидови ќе бидат зелени градини.

    ,,Сакаме да влијаеме во иднина да се развијат зелени ѕидови на објекти и станбени згради, кои како еколошки трендови се почесто се застапени во архитектонска пракса. На тој начин градот ќе добива поголемо количество кислород, а ќе се намали прашината, загадувањето од јаглерод диоксид, бучавата од автомобилите. Овие зелени зидови со вертикални градини ке бидат и како изолатори на самите објекти“, вели Јанакиева Цицимова, а еколошкото друштво најави и други вертикални зелени градини во Струмица.

    Првата вертикална градина во Струмица чини 180 илјади денари, а парите се обезбедени од програмата за подршка на граѓанскиот сектор од Општината.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира