Во Струмица се отвори нов пункт за земање брисови за тестирање за ковид-19, откако Државниот здравствен инспекторат го затвори досегашниот кој функционираше седум месеци во посебни простории од станбена зграда.
Затворањето на пунктот уследи окако станарите испратија петиција до надлежните дека им е загрозено здравјето со секојдневното присуство на пациенти суспектни на ковид-19. Директорот на струмичкиот Центар за јавно здравје Петре Витанов вели дека денеска почна да работи пунктот во кругот на старата струмичка болница, во сопствност на Здравствениот дом. Адаптирани се соодветни простории, одделени од зградата, за да не дојде до мешање со останатите пациенти.
„Со решение од инспекторатот, моравме да го дислоцираме пунктот, бидејќи се појавија реакции од станарите, иако стануваше збор за посебни простории со посебен влез. Адаптиравме простории во старата струмичка болница и таму ќе се земат брисови. За среќа, ниту вчера ниту денеска немаше закажано термин за тестирање“, изјави директорот Витанов.
Како што велат од Центарот, во струмичкиот пункт дневно се земале и до десетина брисови, а доаѓале и лица од други градови. Новиот пункт е на 10-ина метри од досегашниот. Витанов кажа дека е можно од септември тестови за коронавирус да се прават и во Струмица.
Од стартот на епидемијата, во Струмица и регионот се регистрирани 65 заразени лица, од кои две починаа, а во моментов има 21 активен случај на ковид-19.
В. ТРАЈКОВ